Прекопите за подземни инсталации ги „изораа“ улиците во Скопје

улица Козара во Капиштец
ул. Козара во Капиштец/Фото: Слободен печат

Изградбата на згради во Скопје остава неизбришливи траги по градските сообраќајници, без оглед дали градбата завршила неодамна или пред многу години. Прекопите за поставување подземни инсталации за поврзување на новите згради со струја, вода или парно, остануваат на улиците и покрај обврската на инвеститорите коловозот да го вратат во истата состојба каков што бил пред да се извршат прекопите.

Сепак, граѓаните се сведоци дека по прекопувањето, улицата повеќе никогаш не изгледа исто сѐ до нејзината идна реконструкција и асфалтирање, а тоа на некои сообраќајници може воопшто да не се случи во наредните десет и повеќе години. Па, така, некои од улиците наликуваат на „пајакови мрежи“ преполни со направени и санирани прекопи.

На улица Козара повеќе години наназад се градат згради, како градилиште е, еве и во моментов се во изградба неколку. Улицата е катастрофа, прекопи на сите страни, асфалтот оштетен, автомобилите ги испокршивме, а пеш кога поминува, човек ќе се наголта прашина. Ужасно е, нема крај – се жали жител на улицата Козара.

Деновиве по реакциите од граѓаните таму беше градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој вети дека оштетувањата на асфалтот ќе се санираат. Сепак, нови прекопувања претстојат со оглед на фактот што таму во моментов е во тек изградба на седум нови станбени објекти, до кои ќе треба да се спроведе подземна инсталација.

И градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски неодамна реагираше по пријава од граѓани дека се врши диво сечење на улица во Тафталиџе.

Сакам да им порачам на граѓаните, но и на фирмите што извршуваат какви било активности на улиците во општина Карпош, дека нема да дозволиме заобиколување и непочитување на законите и процедурите за работа. Нема да дозволиме на „диво“ да се прекопуваат нови улици, а граѓаните да газат по кал и да ги оштетуваат возилата по раскопани сообраќајници заради лични интереси на поединци – рече Јакимовски.

Комисијата за следење на состојбите на извршување на работите за поставување подземни инсталации во Карпош информираше дека само во вторникот, по барање на ЕВН и „Балкан Енерџи“, се издадени записници во кои е констатирано дека треба да се извршат прекопи на шест улици, и тоа на Лесновска, Бањалучка, Влае, улица 12 во Бардовци, Миле Поп Јорданов и на Букурешка.

По завршување на сите градежни работи, општинската комисија ќе изврши повторен увид, со цел да утврди дали квалитетно се завршени работите и дали подлогата е вратена во првобитна состојба – информираат од Општина Карпош.

Дека прекопите сепак ќе се познаваат е повеќе од сигурно, како што тоа е видливо на повеќе улици особено низ скопските населби – ќе се разликува бојата на асфалтот, квалитетот, височината.

Во врска со улицата Козара во Центар, летово од Општината, кога беше најавена реконструкција додека на неа трае изградба на згради, имаше интересно објаснување дека на улицата ќе бидат оставени отвори, таканаречени изводи, на кои подоцна би се приклучиле водоводните, топлински, електрични и кабелски мрежи. Со изводите, според нив, немало да има потреба од повторно прекопување на улицата.

Како тоа би се извело не видовме, бидејќи реконструкцијата не се случи. Но, доколку навистина има можност за изведување изводи за инсталација, тогаш тоа би било одлично решение кое би требало да се практикува при реконструкција на која било улица во Скопје, за отпосле да не се уништува асфалтот на улиците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот