Прекината седницата за избор на заменици министри, се чека Извештај од ДИК

Собранието денеска ја почна 13-тата седница на која требаше да расправа по Предлогот за именување на заменици на министри во Владата, но по куса пауза заседанието беше прекинато пред да биде утврден дневниот ред, бидејќи Парламентот од ДИК чека извештај за верификација на мандат на пратеник, откако на почетокот на оваа седница беше констатирана оставката на пратеникот Дамјан Манчевски.

Како што појасни претседателот на Собранието, Талат Џафери со оглед на тоа што точката за верификација на мандатот нема материјали и тие се чекаат од Државната изборната комисија, дневниот ред ќе биде усвоен на продолжението на оваа седница, за кое, како што посочи пратениците ќе бидат дополнително известени.

– Со оглед на тоа што пратеникот Дамјан Манчевски е избран од листа на пратеници, потребно е ДИК да го извести Собранието за кандидатот од оваа листа на кој треба да му се верифицира мандатот за пратеник согласно член 153 од Изборниот законик, рече Џафери.

Откако ДИК ќе испрати извештај, за тоа ќе одлучува матичната Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања, по што ќе продолжи пленарната седница.

На ова седница во предложениот дневен ред прва точка е верификација на мандат на пратеник, а втора точка Предлогот за именување на заменици на министри во Владата

Претходно, Собранието ги констатира и оставките на Венко Стомнаровски од функцијата член на РСБПС, Софче Јовановска од функција член на Советот за статистика и на Марјана Кацарска од функцијата заменик на генералниот секретар на Парламентот, како и престанокот на мандатот на Ирена Шумковска од функцијата член на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Предлогот за избор на заменици на министри Владата до Собранието го достави минатиот петок.

За заменик-министер во одбрана е предложен Башким Хасани, во Министерството за внатрешни работи Назим Буши, а во ресорот правда предлогот за заменик-министер е Агим Нухиу.

Илхан Рахман е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исаки за заменик-министер за надворешни работи.

Во Министерството за финансии заменик на министерот Фатмир Бесими треба да му биде Димитар Ковачевски, а во Министерството за економија предложен е Зоран Маневски. Во ресорот земјоделство за заменик е предложен Трајан Димковски, кој претходно ја извршуваше министерската функција во истото Министерство.

Доктор Илир Хасани е предлогот за заменик-министер во Министерството за здравство.  Арафат Шабани е предложен во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа и Седат Сулејмани во Министерството за култура.

За заменик-министер за информатичко општество и администрација е предложен Александар Бајдевски, во Министерството за транспорт и врски Беким Реџепи, а во Министерството за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот