ПРЕДИЗБОРНИ КОЛУМНИ Силјановска-Давкова: Да се сака својата земја не е национализам!

Една од првите, и можеби најважната лекција што сум им ја давала на моите студенти по Уставно право и политички систем, била онаа за разликата помеѓу нормативното и стварното, разликата помеѓу теоријата и практиката, за јазот меѓу декларативното и реалното. Сум зборувала пред амфитеатри, но и преку медиуми, за правниот илузионизам, со кој веќе 30 години елитите нѐ убедуваа(т) дека е доволно да смените (целосно или амандмански) устав или закон. Политичарите го одбираат секогаш покусиот пат: со декрет „менуваат“ стварност, прогласуваат среќа, октроираат устави и божем воведуваат европски стандарди и реформи.

Со право, мнозина се прашаа: а зошто тогаш се нафатив да ја истрчам оваа претседателска трка? Зарем можам нешто да променам? Еве, на неколку денови пред гласањето во првиот круг, сакам да се обидам уште еднаш да појаснам која ми е мотивацијата и целта.

 Не ни треба едноумие

Еден голем човек рекол: „Можете да ги лажете сите луѓе за одредени време или дел од луѓето сето време, но не можете да ги лажете сите луѓе сето време“. Кажувањето на Вистината е од исклучително значење, особено кога монополот на наводната Вистина е во рацете на неколкумина, на оние од врвот на власта. Уште поопасно е кога „вистината“ се креира така за да ги оправдува сите потези на оние на власт, а крајната порака е: друга алтернатива не постои!
Не, јас не претендирам дека сум месија, волшебничка или ексклузивен промотор на Вистината! Напротив, она што го нудам и барам е: прво, стриктно почитување на „правилата на игра“, ставање на политиката во границите на правото; и второ, креирање на националните политики низ дијалог, како помеѓу носителите на различните власти, така и со вклучување на парламентарната и вонпарламентарната опозиција, невладиниот сектор и медиумите (со нивната улога на „куче чувар“ на демократските принципи). Во Македонија постои монолог; постои монодрама, или поточно – мелодрама на која веќе не знаеме дали да плачеме или да се смееме!
Ја барам довербата на сите граѓани што сакаат вистински плурализам, ги сакаат боите на виножитото од политичкиот спектар, кои се разликуваат меѓу себе по многу нешта, но се дел на македонскиот демос (а не етнос) – и ја сакаат Македонија како своја единствена политичка заедница. Да потсетам, зборот „заедница“ е составен од „за“ и „едно“, но тоа едно е отворената и слободна држава, во која секој поглед на свет и секоја идеја е легитимна, и во која си безбеден и кога не размислуваш како најмоќните луѓе на врвот на политичката пирамида. Нам не ни треба едноумие, а флоскулата „едно општество за сите“ е многу блиска до тачеризмот, кој фактички го укина општеството, кое по природата на нештата е и различно, и контрадикторно и конфликтно! Едно општество може да постои само во тоталитаризам, каде што со декрет се укинува различноста и се наметнуваат норми, вредности и визии што мораат да се прифатат – или ќе бидат осудени како противдржавен чин.

 Lex наместо Rex – Законот има првенство пред Владетелот!

Претседателската функција е една од ретките политички и уставни институции, кои овозможуваат трансцендирање над дневната, приземна и партиска политика. Црпејќи директен легитимитет од граѓаните, а не од партиите (дури и ако некои од нив стоеле зад кандидатот за претседател), носителот на оваа функција ја има можноста, но и огромната одговорност да биде мост на поврзување на спротивставените страни, може да биде некој што ќе предупредува, опоменува, советува и дејствува во областите што му се дадени со Уставот.
Додека се зборува за наводно помирување, а наместо тоа спроведуваат селективна правда и ги кршат сите уставно-правни вредности и принципи, Македонија никогаш не била поподелена. Пизмата никогаш не била толкав двигател на политичките страсти и пресметки како денес, и не е доволно со прст да се покажува на виновникот од другиот табор, туку да се наоѓаат решенија. Свесна за сум за овој предизвик, свесна сум за тежината на она што со право ќе се очекува од мене, доколку ја добијам довербата од граѓаните, но ќе дадам збор, беса ќе дадам: правдата мора да биде испочитувана, а вината индивидуализирана!
Изборот за претседател на Република Македонија е избор за личност, за поединец/поединка кој/а излегува со сопственото портфолио и кариера, знаење и способности. Она што е најважно, барем за мене, е личноста да остане личност, со интегритет и независност, и по изборот на функцијата, наместо да сака да се клонира и да стане 102,5 отсто иста како Лидерот. Независноста во вршењето на функцијата е од огромна важност, бидејќи дистанцата ја дефинира Уставот и моралот, а ја брише политикантството и личниот интерес која настојува да ја персонализира власта, наместо да ја објективизира и ограничи моќта. Секогаш, и како професор и како активист, моето мото било и останало: Lex наместо Rex! Законот има првенство пред Владетелот.

Алтернатива има, ама наведната глава не може да ја види

Живееме во време во кое сме подложени на постојана пропаганда и убедување дека целта ги оправдува средствата, дека политиката и државништвото се од онаа страна на етиката. Можеби затоа велат дека тие се прагматични, а јас сум утопистка? За оние што ја концентрираа моќта и власта, темелното политичко прашање гласи: го можам ли она што го сакам? Имам ли средства и моќ да го добијам она што сакам да го остварам, па ако треба и со коцкарски средства, all-in? Но, за мене е поважно моралното прашање, кое ќе ме води во вршењето на функцијата: го смеам ли она што го можам? Ќе ѝ се препуштам ли на политиката, или ќе ме ограничуваат правото и моралот? Она што е водилка на мудар лидер е самоограничувањето во вршењето на власта, дури и кога е правото урнисано и фрлено во пепелот на реалполитиката.
Во текот на целата кампања, бев изложена на обвинувања дека манипулирам, дека ветувам нешта кои не можам да ги остварам, дека правото им припаѓа на деканатите на правните факултети, а не на реалната политика. Тоа е опасна теза, бидејќи наведува на помисла дека политиката е и над науката и над правото. Отворено кажувам: да се сака својата земја не е национализам! Да се бара за неа она што ѝ припаѓа според задолжителното меѓународно право (еднаков третман, уставна сувереност, немешање во внатрешните работи од трети држави и наметнување одлуки што се спротивни на националните интереси) – тоа е една од најважните работи што треба да ги прави шефот на државата!
Велат: невозможно е, остави, Преспанскиот договор е факт, лош е, ама носи добро! Звучи како рефрен (во кој и самите не си веруваат): отпорот е залуден! Моето мото, кое во мене веројатно останало од младите денови гласи: да бидеме реални, да го бараме невозможното! Без стремеж што ја надминува грубата и брутална политичка „логика“ е предавство на духот, на идеалите, на правото да се бара подобар свет, и тој свет да се изгради прво дома. Не е точно дека треба да се предадеме на безидејноста и на автократската ментална матрица „нема друга алтернатива“. Алтернативи има, а наведнатата глава не може ни сонцето да го види, ни патот, ни алтернативите, па ни практичните можности што ги нудат вредностите на кои почива човечката цивилизација.
Доволно говорев на митинзи и на ТВ-дебати. Кажав многу низ многубројните интервјуа во изминатите седмици. Време е граѓаните да ги одмерат не само кажаните зборови (вклучително и гафовите и лапсусите), ама во светлина на конзистентноста на личноста која ги кажала и пред да застане пред нив и да побара доверба. На крајот, верувам дека ќе си го постават клучното прашање: дали ни е добро или сакаме промена? Дали ќе ги наградиме оние што ги изневерија нашите очекувања и барања? Дали сакаме некој што е воден од голиот политички интерес или од факелот на правдата? Одговорот ќе го дознаеме наскоро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот