Преговорите за нуклеарната програма се во критична фаза, велат од Техеран

Иранско знаме / Фото: EPA-EFE/ABEDIN TAHERKENAREH

Преговорите во Виена за повторно активирање на иранскиот нуклеарен договор се во „критична” фаза и остануваат да се решат неколку „важни” прашања, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир -Абдолахиан.

– Преговорите се во критична и важна фаза, рече иранскиот министер за надворешни работи по средбата со оманскиот колега Бадр ал Будаиди, кој е во посета на Техеран.

Тој изрази надеж дека неколку чувствителни и важни прашања ќе бидат решени во наредните денови со „реализмот” на Западот.

Тој рече дека е „оптимист”, но и дека Иран нема да ги премине „црвените линии” во преговорите, без да наведе кои се тие.

Иранскиот преговарач Али Багери треба да се врати на кратко во Техеран за да се консултира додека продолжуваат преговорите во Виена.

Преговорите се обид да се спаси договорот од 2015 година, кој требаше да го спречи Иран да развие атомска бомба, додека Иран продолжува да негира дека имал намера или планира да направи тоа.

Договорот, склучен меѓу Иран и шесте светски сили (САД, Кина, Франција, Велика Британија, Русија и Германија), овозможи укинување на меѓународните санкции против Техеран во замена за строги ограничувања на неговата нуклеарна програма.

Меѓутоа, САД се повлекоа од договорот од 2018 година за време на Доналд Трамп и повторно воведоа санкции. Како одговор, Техеран престана да се придржува до ограничувањата на својата нуклеарна програма.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот