Преговори за членство со пиштол вперен в тилот

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Нашето спомнување на македонското малцинство во Бугарија се забранува како неоснована територијална претензија на пиринскиот дел од Бугарија, но бугарското тврдење дека сите Македонци се Бугари од што произлегува нивната територијална претензија врз целата библиска земја, никој не ја осудува, ниту забранува, туку со рамката за преговори дури и ја легализира?!? Зошто, по ѓаволите, во овие околности, Македонија на која не ѝ е вперен пиштол в тилот, би преговарала за членство во ЕУ?!

„Мапата на светот на која ја нема Утопија не е вредна ниту еден поглед“, напишал Оскар Вајлд 1891. Но 19 век бил златна доба на утопиите, век на процутот на новите борбени идеологии, век на револуциите и големите надежи. По Првата светска војна веќе не е измислена ниту една Утопија, но светот го преплавија изненадувачки голем број неподносливо пророчки дистопии. Веројатно најпозната од сите, и за жал исто толку пророчки зловеста е Орвеловата „1984“. Како што вели еден современ Орвелов биограф: „Со колебање ќе речам дека ‘1984’ е денес поважна од кога и да е, но проклето повеќе важна одошто би смеела да биде.“ Гол факт е дека книгата што му ги откри на светот најмрачните агли на тоталитаризмот, денес е применлива и актуелна многу повеќе отколку што кој било човек би прифатил дека е можно. А тоа е така зашто тоталитаризмот повторно доживува глобален подем – огромен, зловест, заканувачки, сеуништувачки… и невидлив.

Џорџ Орвел и денешниот тоталитаризам

За препознавањето на денешниот тоталитаризам не постои подобар учител од Џорџ Орвел. Според неговите зборови, секој збор што го напишал по 1936 година бил непосредно или посредно насочен против тоталитаризмот… Ги почувствувал модерните тоталитаризми уште во нивното настанување, и својата посветеност на вистината, заедно со неверојатниот книжевен и јазичен талент, ги посветил на борбата против оваа најужасна форма на човечка власт. „Фашизмот е, впрочем, само производ на капитализмот, та и најмеката таканаречена демократија е подложна на претворањето во фашизам, кога ќе ѝ згусти“, му напишал Орвел на еден пријател, а подоцна, исто во писмо, ја завршил мислата: „Фашизмот и таканаречената демократија како да се браќа близнаци.“

Вистинскиот придонес на Орвел во дефинирањето на суштинските својства на тоталитаризмот е откритието дека најкарактеристичното својство на овој вид владеење не е физичкото насилство за навјасување на човечките тела, туку амбицијата да завладее со свеста на потчинетите. Основната цел на тоталитаризмот е всушност завладејување со сите содржини и сите одаи на човечката свест, од паметењето до мислењето, сè до емоциите и до јазикот на кој луѓето мислат и говорат. Овие базични својства на тоталитарното владеење Орвел ги разработува во „1984“ преку најважното министерство на Океанија, земјата на неговата дистопија. Во Министерството на вистината е негиран самиот концепт на вистината, зашто министерството е огромен пропаганден центар што владее со целиот медиумски простор на земјата и на дневна основа ја одредува званичната „вистина“ за тој ден – која е, се разбира, тотално измислена лага.

Бидејќи вистината се менува од ден во ден, министерството одново ја пишува целата историја наназад колку што е потребно, за на поданиците да им се убие дури и претпоставката дека може да постои мисла што се разликува од таа соопштена од страна на Министерството за вистина. Од оваа тегобна книжевна визија „која е проклето многу слична на денешната стварност отколку што би смеела да биде“, произлегла и веќе премногу зборуваната, но изненадувачки малку сфатената законитост на тоталитаризмот: „Кој го контролира минатото, ја контролира иднината: кој ја контролира сегашноста, го контролира и минатото.“

Од тоа исто кладенче проистече и бугарското вето

Живеејќи, за несреќа, во доба на сè поинтензивната тоталитаризација на Европа, препрочитувањето на Орвел во многу ни помага во разјаснувањето на длабинската мотивација за европската ревизија на историјата на дваесеттиот век. Тоа всушност фашистичкото „старо семе“ што цути бесно веќе триесет години, воспоставува контрола и над минатото, на тој начин обезбедувајќи ја својата неспорна моќ да владее и со иднината. Од тоа исто кладенче проистече и бугарското вето, и нивниот Објаснувачки меморандум и француската рамка за почеток на преговорите, а најмногу злогласниот Протокол од Вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија.

Имено, во Објаснувачкиот е експлицитно искажана аспирацијата за повторната бугарска администрација над територијата на Македоња Вечна. Основната алатка за остварување на оваа идна анексација со администрација е согласно Орвеловата метода операционализирана во Протоколот: првин со повторно пишување на нашата историја, а потоа со вградувањето на купот новоизмислени објективни и научни историски вистини во мозоците на македонските деца преку новоучебниците, новоисторијата, новочествувањата и новоговорот. Новоговорот во кој веќе нема ниту да ги има зборовите со кои вистината ќе може да се искаже.

Меѓутоа, она што особено ме иритира во орвелијанската македонска стварност, е што бурната дебата во земјава упорно се води околу тривијални или непостоечки проблеми, додека на секој рационален и сериозен ум би морало да му биде јасно дека во залог е само едно, а тоа е територијалниот суверенитет на пролупаната ни република. Кога со Бугарите преговараше Тито или сојузниот министер за надворешни работи на Југославија (во измислената утописка доба кога Македонија беше најмакедонска), беше ставано јасно до знаење дека Југославија ги смета бугарските јазични, историски и други просерувања за иредентистички територијални аспирации. Тоа тогаш им беше јасно на сите, но денес никој не може да го превали ни преку уста. Зошто, ќе прашате. Поради тоталитарната цензура што веќе доволно време работи за веќе и да не се забележува дека постои. Но, Бугарите и Европа (авторите на сите срамни текстови од рамката и Протоколот) тоа суштинско едначење помеѓу етничкото и територијалното (бугарското омилено blut und boden) го има црно на бело ставено во Протоколот, на место на коешто ние треба да се откажеме од какво и да е спомнување на македонското малцинство на територијата на Бугарија:

„Владата на Република Северна Македонија до почетокот на учебната година 2023-2024 да ја промени содржината на учебникот по географија за втора година реформирано гимназиско образование поради неосновани етнички/територијални претензии.

Двете држави се согласија, при утврдување други случаи на неосновани етнички/територијални претензии во учебници и учебни помагала, тие да бидат извадени од образовните програми и нивната содржина да биде променета.“

Алоо, има ли некој буден во Македоња?! Има ли некој возрасен?! Па Европа и нејзиниот геополитички важен повторувач Бугарија самите го извршија едначењето помеѓу етничките и територијалните претензии!! Тоа го направија повеќепати во Протоколот во функција на ништење и на поменот на македонското малцинство во Бугарија, но никој не помисли дека и Протоколот и рамката и преговорите со Европската Унија се само во функција на бугарската теза дека Македонците се всушност Бугари. Од што произлегува – и според суперевропскиот Протокол – дека Бугарија со нашите преговори со ЕУ практично ја артикулира својата територијална претензија врз целата територија на Македонија. Ништо поедноставно: ако Македонците се Бугари, тогаш и Македонија е бугарска!

Треба ли да повторам: нашето спомнување на македонското малцинство во Бугарија се забранува како неоснована територијална претензија на пиринскиот дел од Бугарија, но бугарското тврдење дека сите Македонци се Бугари од што произлегува нивната територијална претензија врз целата библиска земја, никој не ја осудува, ниту забранува, туку со рамката за преговори дури и ја легализира?!?

Зошто, по ѓаволите, во овие околности, Македонија на која не ѝ е вперен пиштол в тилот би преговарала за членство во ЕУ?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот