Прегорена одговорност

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Потребни се „вештаци“ за менаџмент, и тоа за здравствен менаџмент, да одговорат на прашањето како е раководена тетовската болница, и дали кабелот е единствениот виновник за смртта на 15 луѓе. Или пак е виновна дезорганизацијата, непрофесионалноста, недоволната грижа… Односно луѓе што ја дозволиле таа дезорганизација, негрижа и непрофесионалност…

Излезе извештајот за пожарот во тетовската модуларна болница, во кој загинаа 15 луѓе, ама како да не излезе. Тој извештај беше технички – што го предизвикало пожарот? Можеше да се претпостави – искра! Секој пожар го предизвикува искра. Искрата дошла од продолжителен кабел, на кој биле приклучени неколку уреди (дефибрилатор, полнач за телефон и уште нешто) значи бил преоптоварен. Кој го преоптоварил и зошто? Имало ли премалку штекери? Зошто не избиле осигурувачите при тој краток спој? Зошто немало при рака ПП-апарат па кабелот веднаш да биде угаснат? Дали кабелот бил купен од „зелен пазар“ или бил според некои пропишани стандарди за квалитет? Дали има упатства или предупредување дека дефибрилатор не се приклучува на продолжителен кабел? Дали тие што го употребуваат биле обучени за безбедно ракување со тој уред? Е, на такви прашања нема одговори. И не е тоа работа на вешти лица за утврдување причини за пожар.

Потребни се „вештаци“ за менаџмент, и тоа за здравствен менаџмент, да одговорат на прашањето како е раководена тетовската болница, и дали кабелот е единствениот виновник за смртта на 15 луѓе. Или пак е виновна дезорганизацијата, непрофесионалноста, недоволната грижа… Односно луѓе што ја дозволиле таа дезорганизација, негрижа и непрофесионалност…

Премиерот соопшти дека не им ги прифаќа оставките на министерот за здравство Венко Филипче и на неговиот заменик Илир Хасани. Се знаеше дека така одлучил, за тоа не му беше потребен извештај. Зашто нивната одговорност е морална и политичка, а не техничка и фактичка. А сега таа одговорност поминува на неговите „политички плеќи“, тоа треба да му е јасно.

За оставките на двајцата први луѓе на тетовската болница, директорот Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми, Заев рече дека ќе одлучи по локалните избори!? Зошто? Каква врска имаат изборите со овој случај? Или имаат голема врска?

Дали премиерот греши што не ги прифаќа оставките? Зависи што подразбирате под поимот „греши“. За тие што сакаат да видат одговорно и отчетно владеење, нема дилема, по вакви трагедии оставки се поднесуваат веднаш, не се нудат, ниту се прифаќаат или отфрлаат, ниту пак се поврзуваат или  условуваат со некаков извештај. Тоа е прашање на политичка култура, демократски стандард, традиција, нешто што се подразбира… Дури би рекол, нема тука ништо лично, тоа секому може да му се случи, дури и на најдобрите. А оние што калкулираат колку ќе се изгуби или ќе се добие од некоја оставка, сметано во гласови или политички поени, имаат сосема поинакво сфаќање на поимот „греши“. Помеѓу две одлуки „исправна“ е онаа што ќе донесе помала загуба на гласови или поголем ќар. Јас, пак, таквото калкулирање го сметам за грев.

***

Оваа недела се потсетивме на Муса Џафери, еден своевремено важен и сеприсутен лик од ДУИ, кого во меѓувреме некако „го однема“ барем од јавната сцена. На него нè потсети неговиот син, со тоа што во кафеана му се нафрли на директорот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимоски. Мобилките тоа го снимија, а медиумите го објавија. Младиот Џафери имал „бизнис со струја“, а Бислимоски и неговата комисија сакале да му ја одземат лиценцата оти ја уривал стабилноста на системот, повлекувал струја за своите клиенти повеќе отколку што требало. Ќе кажете, деликатен проблем, сложена материја, за која најмалку би очекувале да се расплеткува со тупаници во кафеана. Повеќе е како за тужби, претставки, адвокати, па дури и за медиумски пресметки со пресови и соопштенија. Но, кој вели дека синовите на партиските големци се соодветни за бизнисите што ги држат?

А ги држат, богами јако! Листата на клиенти, особено јавни претпријатија, агенции, општини, како и на тендери добиени само годинава и лани од фирмата на Џафери Јуниор е импресивна, а сумите вртоглави. Своевремено многу се пишуваше дека „струјата“ на Муса Џафери и Изет Меџити во ДУИ, е во жесток судир со таа на Бујар Османи и Артан Груби. А бидејќи Османи и Груби се во полн залет, очигледно струјата на Џафери е истисната, па тивкиот Џафери, со помош на синот, се свртел кон некоја друга, утешна струја! Губењето моќ често така се компензира – со правење пари. Арно ама, изгледа, ако не ти свети партиската ѕвезда и бизнисот не оди мазно. Ниту за Џафери, за кого од „бомбите“ на Заев, а потоа и на Ел Чека (ах, времиња) се изнаслушавме колку вешто мести тендери, вработувања, спасува дивоградби… Дотолку партиската слава потемнела, што една полиција (пази, еј полиција!) го собрала младиот Џафери и му поднела пријава, и тоа кривична! Во добрите времиња на Џафери во ДУИ ова не можело да се замисли! Како и за некои други денес што не може да се замисли. Бислимоски ќе мораше да изјави дека сам се сопнал на младиот Џафери, не сакајќи му се закачило палтото, па и ќе му се извинеше!

***

Во едно битолско основно училиште некоја универзитетска професорка минатата недела спроведувала анкета што буквално ги извади од памет родителите на учениците. Прашалникот никој не го видел, но од кажувањата на децата излегува дека прашањата биле многу провокативни и неумесни, особено за нивна возраст: дали имале секс со постари, и колку постари, дали имаат самоубиствени мисли, дали се сликале сами или сликале некого во тоалет и објавиле слики на Фејсбук!? Чувај Боже!

Родителите побарале средба со професорката, таа тврдела дека анкетата е дел од научен проект, добила дозвола од директорката, но одбила да им ги покаже прашањата на родителите, веројатно затоа што и не биле за покажување. Притисната, професорката демонстративно ја искинала анкетата пред нив. Е, сега, дали ги искинала и одговорите и дали ги има во електронска форма, не знаеме, но важно, покажала дека крева раце и од наука и од проект. Работата дојде и до просветните инспектори и сега тие треба да си го кажат своето. Кој сè може во нашите училишта да влезе и да „работи“ со учениците и кој треба тоа да го процени и дозволи? Инспекторите и училиштата треба добро да отворат очи. Ете, неодамна излезе на виделина скандалот со скопските скаути, кои забегале со своите сексуални игри со средношколци, и уште се чека „пресуда“ за нивното поведение, кое исто така ја соблазни јавноста. Очигледно, под плаштот на наука, сексуално образование или „слободни активности“, пристап до учениците добиваат секакви сомнителни ликови и организации. Се сеќавам, своевремено во весникот „Шпиц“ пишувавме за една права правцата „њу-ејџ“ секта, која проповеда слободна љубов и чии членови се сликаат угол-голи, добила дозвола да предава сексуално образование во училиштата. Беше тоа голем скандал, „едукаторите“ беа итно набркани од училиштата, а проблемот стигна дури и до суд. Зарем ништо оттогаш не е сменето ниту, пак, заострено во критериумите и процедурите на МОН за тоа кој смее да добие пристап до учениците и на кои теми? А очигледно има голема потреба за тоа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот