Прегазениот мечок е однесен во музеј, најверојатно се симнал од резерватот Јасен, а на автопатот влегол на клучката кај Групчин

Усмртена мечка
Фото: МИА

Трупот на мечокот што завчеравечер беше прегазен на автопатот Тетово-Скопје кај Карпалак е однесен во Зоолошката градина во Скопје, по налог на полицијата и најверојатно ќе биде препариран и изложен во Природно-научниот музеј, велат за „Слободен печат“ од Јавното претпријатие „Македонијапат“. Од претпријатието велат дека нема начин мечокот да се влезе на автопатот на местото каде што е прегазен, туку најверојатно се симнал од резерватотот Јасен и влегол на автопатот на клучката кај Групчин, која е отворена, па слободено се движел по коловозот неколку километри додека не наишол автомобилот што го усмртил.

– На местото каде што е прегазено животното нема начин да влезе на автопатот Тетово-Скопје. Локацијата е на околу 200 метри пред спомен-плочата на загинатите бранители на Карпалак. На целиот тој потег има еластична ограда. Над тој потег, пак е стариот пат Тетово-Скопје и на тоа место нема од каде да влезе животното. Во тој предел во близина е резерватот Јасен, каде има мечки, а блиску е и Шар Планина и би можела да дојде преку Ереденино, но помалку е веројатно. Околу резерватот можно е да има некоја искината ограда или навалена или оштетена од снегови, па ѕверот излегол. На нашите автопати, пак, има еластични или жичани огради, но клучките ни се отворени. Претпоставуваме дека се симнала од Јасен и дека се качила на автопатот на клучката кај Групчин – велат од „Македонијапат“.

Отгтаму објаснуваат дека во последно време ова е четврти пат во тој дел на автопатот да се појави мечка, а овој пат животното е усмртено.

– Немилиот настан, за кој ние во „Македонијапат“ навистина жалиме, се случил околу еден часот по полноќ. Од полицијата ни наложија трупот на мечката да го предадеме во музејот кај Зоолошката градина и најверојатно ќе биде препарирана – велат од претпријатието.

Оттаму додаваат дека од дивеч најмногу се прегазуваат диви свињи.

– Досега никогаш не се случило да најдеме прегазен волк. Секако дека има прегазен помал дивеч на автопатите, како куници, лисици, зајаци, но за нив не дознаваме, затоа што се ситни животни, не прават штета на возилата и никој не ни ги пријавува. Не се случило и да имаме прегазени елени и срни. Најчесто прегазен дивеч има на патот Маврово-Дебар – велат од „Македонијапат“.

Од тетовската полиција вчера информираа дека 21-годишен возач со својот автомобил удрил и усмртил мечка и притоа е повреден.

– Настанот е пријавен 40-тина минути по полноќ дека на автопатот Тетово-Скопје, во близина на Карпалак, патничко возило „фолксфаген поло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 21-годишниот В.И. од Седларци, општина Василево, удрило и усмртило мечка. Во несреќата возачот се здобил со повреди и бил пренесен во тетовската клиничка болница за укажување на лекарска помош – информираа од СВР Тетово.

Во октомври 2021 возач од Кичево со својот автомобил ноќе удри и усмрти во мечка на автопатот Тетово-Скопје, а во несрежата немаше повредени луѓе.

Во август 2016 година, исто така ноќе,  на автопатот Тетово-Скопје во близина на Карпалак, скопјанец удри во мечка и ја усмрти. Ниту во оваа несреќа немаше повредени луѓе.

Пред шест месеци, исто така кај Карпалак на автопатот Тетово-Скопје кумановецот Африм Исуфи доживеа опасна средба со мечка. Тој за медиумите тогаш раскажа дека успеал да излезе жив и неповреден по 30-минутна драма.

„Доаѓав од Гостивар, одев дома во Куманово. Неколку километри откако ја поминав првата наплатна рампа во Тетово, возев со нормална брзина, наеднаш мојот автомобил „Голф 5“ удри во нешто напред, од десната страна. Потоа, мојот автомобил леташе во воздух и по неколку метри падна на земја. Некако успеав да ја застанам колата на сред автопат и гледам како од неа излегува пареа. Отпрвин помислив дека мора да е некоја дива свиња, бидејќи беше нешто многу моќно. Излегов од автомобилот и гледам големо животно како доаѓа во мојот правец. Беше страшно и ништо не се гледаше. Се исплашив и влегов во автомобилот, кој беше тешко оштетен – раскажа Исуфи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот