Предвремени избори ќе има, со или без датумот во октомври

Фото: Слободен печат

Прашањето дали Македонија ќе го добие посакуваниот датум за преговори со ЕУ во октомври годинава, практично ќе претставува и одговор на тоа дали во земјава ќе се одржат предвремени парламентарни избори на почетокот од следната година, која и така е изборна година.

Ова го коментираат домашните политички аналитичари кои објаснуваат дека евентуалното недобивање датум оваа есен ќе го натера премиерот Зоран Заев да му ја исполни желбата на својот најголем опозициски опонент Христијан Мицкоски и да спроведе предвремени избори.

Но, како што посочуваат експертите, ништо поразлично нема да се случи и доколку земјава го добие долгоочекуваниот датум во октомври. Таквиот тек на настаните, велат тие, повторно ќе го натера премиерот да спроведе предвремени избори, затоа што ќе сака да го капитализира историскиот успех преку избори и на тој начин многу лесно да добие уште четири години власт.

Аналитичарите, исто така, појаснуваат дека во моментов никој не сака избори затоа што рејтинзите на двете најголеми политички партии се многу блиску и во таква ситуација одењето на избори е најлошото можно сценарио и за власта и за опозицијата. Во поглед на тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ постојано бара предвремени избори, а токму поради тоа беше откажана лидерската средба, експертите сметаат дека станува збор за класичен политички блеф. Тие тврдат дека барањата на Мицкоски за брзи избори се само дел од политичкиот фолклор и обид за засилување на притисокот врз власта.

Од друга страна, премиерот Зоран Заев рече дека не станува збор за класични предвремени избори, туку само за порано одржување на редовните избори.

– Брзи предвремени избори видовме до каде ја донесоа државата поради политички консултации. Ако требаше да се оди на предвремени парламентарни избори, ќе ги распишевме заедно со претседателски избори. Редовни избори треба да има во декември 2020 година, а јас немам проблем да бидат закажани во октомври догодина – рече Заев.

Тој истакна дека во моментот не гледа никаква аргументација за свикување предвремени избори, освен што ќе се блокираат одредени процеси. Според него, заради граѓаните и поголемата излезеност, подобро е изборите да се одржат во октомври, а не во декември следната година.

– Мислам дека во зима, по снег, не треба да се одржуваат избори, не заради политичарите, туку заради граѓаните. Сакаме поголема излезеност и зошто да биде декември кога тоа можеме да го направиме во октомври кога уште не е тешка зима – дополни Заев.

Како што изјави премиерот, нема никаква логика да се оди на избори и да се пропуштат можностите за раст на економските параметри, што било случај во сите држави кога станувале членки на НАТО или почнувале преговори за членство во ЕУ.

Пекевски: Предвремените избори се неизбежни

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека одржувањето предвремени парламентарни избори следната година е неизбежен момент.

– Ако евентуално не добиеме датум за преговори со ЕУ во октомври годинава, тогаш дефинитивно ќе треба да се бара одговорност од сите оние кои ни ветуваа дека ќе го добиеме датумот и кои нè натераа да направиме низа отстапки и жртви во корист на Европа и на Грција. Недобивањето датум ќе значи дека оваа власт е тотално неспособна, а тоа исто така ќе значи дека мора да се организираат предвремени избори. Така, граѓаните во тој случај ќе добијат можност да одлучат дали да им дадат уште една шанса на оние кои ја прокоцкаа целата доверба, или, пак, шансата да му ја дадат на некој друг за кој веруваат дека може да биде поуспешен. Но, ништо поразлично нема да се случи дури и ако добиеме датум во октомври. Тогаш повторно ќе се одржат предремени избори затоа што власта ќе сака да го искористи успехот и да добие нов четиригодишен мандат – објаснува Пекевски.

ВМРО-ДПМНЕ: Премиерот се плаши од избори

СДСМ да ги извади розевите очила и да види дека во Македонија освен рекетот, криминалот, корупцијата, заканите, уцените и поткупот, друго ништо не функционира, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Граѓаните со оваа криминална влада живеат сè полошо. СДСМ и Заев се свесни дека им паѓа рејтингот и се плашат да распишат предвремени парламентарни избори. СДСМ и Заев се плашат да се соочат со волјата на граѓаните. За Македонија да оди напред, најпрво Заев и СДСМ треба да си заминат. Граѓаните и Македонија заслужуваат промени“, наведено е во партиското соопштение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот