Предметите на СЈО се селат во Јавното Обвинителство

обвинителство ојо

На 10 дена пред истекот на мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор во КПУ Затвор Скопје – Скопје како осомничена за случајот „Рекет”, предметите од СЈО со нејзино полномошно се селат во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје известувањето од Катица Јанева вчера го доставил до Републичкото Јавно обвинителство и, како што соопштија од Обвинителството, откако ќе ги разгледаат поднесоци ќе ја известат јавноста.

Со полномошното Јанева ги овластува обвинителите во СЈО да ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ сите кривични предмети во судење, во истрага и во предистрага.

Мандатот на СЈО истекува на 15 септември. Неговиот иден статус треба да се реши со новиот закон за Јавно обвинителство, кој е во собраниска процедура,  а за кој власта и опозицијата неможат да се договорат.

Министерството за правда ќе направи консултации какво влијание ќе има даденото полномошно од специјалната обвинителка Катица Јанева сите предмети на СЈО да бидат предадени на Јавното обвинителство на РСМ, врз преговорите за новиот закон за јавно обвинителство.

-Во целиот период до сега Министерството за правда не коментира судски и јавнообвинителски одлуки, но во секој случај треба да направиме консултации какво влијание ќе има ова на одредени одредби во законот околу кои дебатираме и дали тие треба да се менуваат, велат од Министерството за правда.

Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој е дел од работната група за новиот закон за јавно обвинителство, специјалната обвинителка Катица Јанева како лице кое е во притвор не треба да има комуникација со институциите или вработените на кои може да влијае.

Барањето на Катица Јанева доаѓа воочи денешната седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, на која ќе се одлучува за нејзино разрешување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот