Предмети не се кријат во фиоки, постапките се долги поради објективни причини, тврди Коцевски

Љупчо Коцевски/фото Слободен Печат/слободан Ѓуриќ

Малиот број на обвинители, недоволните буџетски средства, недоаѓањето на странките и доставата се дел од предизвиците содржани во годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година, што денеска го презентираше државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски пред пратениците во Собранието.

Како што информираше Коцевски, во извештајната година биле примени пријави против 17.124 полнолетни познати сторители и против 944 деца и заедно со пренесените 12.382 незавршени предмети од 2022 година, јавните обвинители постапувале по вкупно 29.506 предмети против познати сторители.

„Со оглед на континуираниот пад и на бројот на јавни обвинители во изминатите години, вкупниот прилив на предмети во јавните обвинителства воопшто не е за занемарување, односно во просек на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство добил во работа по околу 180 нови предмети. Се разбира, овој број претставува само просек и приливот и обемот на работа во одредени обвинителства е значително поголем“, пишува во Извештајот.

Коцевски посочи дека и покрај тоа што се подобруваат материјалните услови за работа за јавните обвинителства, сепак не е остварена обврската од Законот за јавното обвинителство, буџетот на ЈО да изнесува 0,4 проценти од државниот буџет за тековната година.

„Одобрениот буџет за 2023 година повторно изнесува околу половина од барањето, односно 0,2 отсто од државниот буџет“, информираше тој.

Коцевски додаде дека е неопходно да се обезбедат потребните финаниски средства, за да не се доведе во прашање извршувањето на функцијата и со цел да се овозможи непречена работа на обвинителствата.

Како предизвици, тој ги издвои и просторните услови во кои работат поголемиот дел од обвинителствата низ државата, кои не ги задоволуваат потребите ниту ги исполнуваат условите за ефикасност на кривичната постапка, а горлив проблем за обвинителствата останува информатичкиот кадар.

„Нема криење предмети во фиока, постојат објективни причини за одолговлекувањето на постапките. Тоа се мал број на обвинители, недоаѓање на странки, достава. Објективните околности се најголем проблем во однос на ефикасноста на ЈО“, рече обвинителот.

Според Драган Ковачки, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, состојбата во правосудниот систем е катастрофална, а државата нема авторитет.

„Државата нема авторитет, никој не ѝ се плаши на државата, односно институциите. Со непреземањето на мерки на ЈО може да се зголеми криминалитетот, расте недовербата во правосудството и во системот. Има кривични пријави што се чуваат во фиока. Со непреземање на мерки може да се доведеме до ситуација лице кое е криминализирано да се кандидтира за заменик генерал на НАТО“, рече Ковачки.

Беким Ќоку, член на ДПА, постави неколку прашања меѓу кои зошто во извештајот немало кривични дела или истражни мерки против политичари и дисциплински мерки за јавни обвинители.

„Ова беше еден извештај кој што беше изморен за слушање, или во Македонија имаме една држава која што би ја посакал секој. За жал, не е така. РСМ денеска е ставена во државите каде што правниот систем е најлош во регионот и во Европа“, рече тој.

Во одговор обвинителот Коцевски наведе дека има поведено постапка против 13 обвинители од кои шест се разрешени, пет со парична казна и двајца ослободени од одговорност.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска го разгледа и проследи на понатамошна постапка годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот