Предлогот за премиер Албанец не ги донесе очекуваните политички поени

На запад ништо ново, е насловот на познатата книга. И во Мала Речица, изгледа нема ништо ново. Се рециклираат стари ветувања на ДУИ, кои бидејќи не се остварени 10 и повеќе години, слободно можеме да ги наречеме лаги. Разликата е што сега ни се нудат во ново пакување, преку Насер Зибери. Упорно се турка логиката дека на голема лага (премиер Албанец) треба да се верува повеќе отколку на вистината и на реалноста, реалност која, рака на срце, повеќе кажува дека ДУИ ќе оди во опозиција, отколку дека ќе добие премиерска функција. Упорно се турка и логиката дека ако старите лаги ги кажува нов политички лик (Насер Зибери), се лаги на кои треба да дадеме уште една шанса. Изопачена логика, која нема потреба за коментар! Упорно се турка оваа антилогика, со скапа, милионска кампања. Упорно, но безуспешно. Мислам дека се случува нешто надвор од проектираните очекувања кои ги имал пи-ар тимот на ДУИ, кога оваа партија излезе со предлог за премиер Албанец.

Очекувањата на агитпропот на ДУИ сигурно биле дека само кога ќе спомнат премиер Албанец, сите Македонци ќе станат на нозе и хистерично ќе кажат „не може премиер Албанец, мора да биде Македонец“. Па се очекувало Јанко Бачев да организира протести, а „Тврдокорните“ да ги поплават улиците, по можност и да кршат и демолираат објекти. Да се создаде меѓуетничка тензија и простор ДУИ да им каже на Албанците „нели гледате дека сите Македонци се против нас, затоа вие за нивен инает дајте го гласот за Али Амети и за ДУИ“. Колку за да ги добијат уште еднаш албанските гласови на изборите. А после изборите, како многупати досега, тие гласови да ги конвертираат во милионски тендери, а од барањето за премиер Албанец „да се откажат преку веќе стандардното, шепотливо оправдување“ – западните дипломати ни велат ова барање да го одложиме за подоцна.

Прочитајте и...  Старите пајташи повторно ќе јаваат заедно или уште еден пукнат балон?

Дежа ви

Ова е нешто веќе видено (дежа ви). Барем во стратегијата на предизборно дејствување на ДУИ. Свежи се сеќавањата како ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во времето на Груевски, не само што се препукуваа вербално за време на предизборна кампања, туку си вадеа и оружје и униформи (на сликите и билбордите), иако беа владини партнери. И таман чиниш дека ќе пукаат и ќе се испотепаат меѓу себе, изборите завршуваа, а после тоа сложно, тендеробратски си делеа бизниси (а богами и судски и обвинителски позиции).

Тука го засновувам мојот впечаток дека и во оваа предизборна кампања ДУИ очекувала голем број Македонци да се фатат за оружје и да се борат против премиерот Албанец, со надеж дека сите тие после ќе се наклонат кон ВМРО-ДПМНЕ. Зошто?

ДУИ од поодамна не се сигурни за својата победа во албанскиот блок, па се надеваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со пристојна разлика пред СДСМ, доволна за да ги земе во влада, дури и ако освојат помалку гласови од коалицијата Алијанса-Алтернатива (што во моментот изгледа доста реално).

На вакво размислување ме наведува и тајмингот кога ДУИ го извади својот предлог за „премиер Албанец“. Тоа не го направија кога изборите беа договорени на 12 април, иако предизборната кампања беше започната. Ниту во времето кога силно се насетуваше нивниот пораз од коалицијата АА-Алтернатива. Можеби и никогаш немаше ни да излезат со таков предлог, ако не се појавија сериозните анкети на ИРИ и ИФЕС, кои покажуваа дека СДСМ повторно води пред ВМРО-ДПМНЕ.
Тогаш ДУИ излезе со својот предлог, токму со надежта дека ќе го подбуцне кај Македонците чувството дека се загрозени од „клетите шиптари кои, згора на сѐ, сега бараат и премиер“, и дека од оваа „опасност“ најдобро може да ги одбрани ВМРО-ДПМНЕ. Нешто што, впрочем, најдобро од сите досега, го има кажано и дефинирано никој друг, туку самиот кандидат за – премиер Албанец, Насер Зибери. Неколку дена пред да го добие „мандатот“ за премиер, Зибери во интервју за една телевизија од Тирана оцени дека овој предлог на Али Амети е „прикаска“ и дека можеби има за цел да обезбеди 60 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и...  ДУИ не се римува со опозиција

Зарем ова не остава доволно место за сомнеж дека идејата за премиер Албанец не им е автохтона, туку нарачана од некој друг? Или, пак, е идеја стигната од Будимпешта, во „гепек“, преку диви гранични премини? За среќа, јавноста го прочита ова, и не се случи никаква хистерична реакција. Напротив. Се забележува сосема спротивно расположение кај Македонците од расположението што го очекувал пи-ар тимот на ДУИ. Колку што забележувам, ретко кој Македонец е загрижен, или е против тоа Албанец да биде премиер на Македонија, ако е личност достојна на таа функција. Единствено што се забележува е заедничката зачуденост, и на Македонците и на Албанците, а и кај сите други, од тоа – кај им текна баш сега на ДУИ повторно да се појават со барања со етнички предзнак, кога уште од поодамна единствен етнички и идентитетски предзнак им се тендерите. (Зачуденост придружена со дилемата дали Насер Зибери е вистински предлог за премиер, или можеше да има подобар, по неговото долгогодишно паузирање од политиката и посветување исклучиво на нотарската професија, како и прашањето кое го поставуваат многу Албанци зошто да гласам за Насер Зибери, кога можам да гласам за Зијадин Села да стане премиер).

Прочитајте и...  ДУИ не се римува со опозиција

Нема антиалбанска хистерија кај Македонците

Нејсе, да се вратиме на главното! Нема антиалбанска хистерија кај Македонците, нема материјал ДУИ да се чатали како патриотска партија која ќе ги брани Албанците од македонскиот национализам. Ова е нешто што треба да радува. Но во конкретниот случај и да загрижува. ДУИ не е партија која може да се пофали со остварени проекти во интерес на своите гласачи, пропорционално на стажот кој го има на власт. Уште полошо, иако е 18 години на политичката сцена, ДУИ не покажува капацитети за подготвување на сериозна програма со сериозни и остварливи проекти за во иднина. Ако нема остварени проекти, а згора на тоа ниту сериозни проекти за во иднина, со што ќе излезе ДУИ пред гласачите, кога предлогот за премиер Албанец секојдневно станува сѐ поблед? Единствена карта на која можат да играат им е патриотизмот (колку и да е лажен). Нивниот обид со провокација на македонската јавност преку премиерот Албанец не помина. Не верувам дека ќе им се оствари желбата да ги испровоцираат Македонците со барањето дека „македонските деца ќе морат да учат албански јазик во училиште“. Искажана од устата на Насер Зибери, кој никогаш немал проблем, туку предничел со неговиот македонски јазик пред другите поранешни министри на ПДП, овој став звучи многу вештачки. Имаше ДУИ и како партија вакви барања порано, но се откажуваше веднаш кога ќе дојдоа на дневен ред тендерите. И сега не верувам дека тој предлог им се сериозен. За таа цел, не може да биде предмет за посериозна анализа.

(Авторот e аналитичар и сопственик на „Лајм“)

 

Прочитај повеќе

ДУИ не се римува со опозиција

Срѓан Ивановиќ

Старите пајташи повторно ќе јаваат заедно или уште еден пукнат балон?

Џабир Дерала

Уште само струјата фалеше да поскапи

Весна Дамчевска

Едно општество за сите, ама за сите!

Џабир Дерала

Грешки на автопатот Кичево-Охрид

Мицкоски се извини и други приказни за мали деца

Џабир Дерала

Остави Коментар

Прочитај повеќе

Правната држава на отстрел

Ивица Челиковиќ

Доктор Џекил и мистер Хајд

Ненад Јовановиќ

Театри, протоколи и стапица

Жанета Скерлев

Ковид-19, Скопје 2014 и колежот на мозочните неврони

Мирослав Грчев

Спонзорирано од Сашо Мијалков

Срѓан Ивановиќ

Универзална сала е интимност на скопјани, а не политика