Предлог законот за формирање на нова комисија за заштита од коронавирусот ќе ја почека седницата на 29 октомври

Предлог законот со кој опозицијата бара формирање на нова комисија за заштита од коронавирусот, поради превод на албански ќе ја почека седницата закажана на 29 октомври.

Со 47 гласови „против“ и 27 „за“, не помина предлогот на опозициските паратии на денешниот дневен ред да биде ставен и предлог законот со кој ВМРО-ДПМНЕ, Левица и коалицијата Алијанса и Алтернатива бара нова комисија за борба против коронавирусот.

Во попладневните часови во собранието се случи жесток дијалог меѓу спикерот Талат Џафери и координаторот на опозициската пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој побара одговор зошто предлог законот за заштита на населението од заразни болести со кој се бара посебна комисија за заштита од коронавирусот формирана од Парламентот не е на дневниот ред на денешната седница бидејќи до собранието бил поднесен вчера околу 14 часот.

-Законот предвидува донесените препораки да бидат јавни и да бидат доставени до владата која ќе треба задолжително да постапува по истите. Целта е Комисијата да биде составена од професионалци кои со својата работа ќе придонесат за минимизирање и стабилизирање на состојбата со коронавирусот. Предлог законот со потписи на сите пратеници од претенички групи на опозициските партии беше поднесен вчера. Поради тоа што не е обемен, има само три страници, очекував тој да се најде на денешната седница. Кажете ја причината зошто овој предлог законот за кој сметаме дека дополнително ќе придонесе во борбата против коронавирусот не е ставен на денешната седница на која се наоѓаат и измените на предлог законот предложен од Владата, рече Мицевски.

Според спикерот Талат Џафери предлог – законот не е на денешната собраниска седница бидејќи собраниските служби немале време да го преведат на албански јазик, како што постојано барале опозициските партии на Албанците.

-Точно е дека вчера група пратеници поднесе предлог закон за заштита на граѓаните од заразни болести. Но, поради појавата на последните неколку седници да се бара актите кои доаѓаат до Собранието, а кои потоа треба да се достават до пратениците, задолжително да бидат преведени и на албански јазик собраниските служби им треба повеќе време да го преведат. Воспоставена е пракса еднојазичните предлози кои доаѓаат од било која пратеничка група да се преведат, што значи никој од пратениците Македонци нема да го натерам да прави двојазичен предлог, туку нивниот предог прво ќе оди на превод, за да не доаѓаме во ситуација да се бара по еден час пауза. Претпоставувам дека преводот ќе биде готов до 29 октомври и со предлогот за ребалансот на буџетот да биде дел од дневниот ред, рече Џафери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот