Предлог законот за амнестија доби „зелено светло“ на владина седница

Предлог Законот за амнестија по усогласувањето со надлежните институции оди во собраниска процедура. Едиствената промена што, од она што може да се забележи од соопштението од Министерството за правда, е направена во содржината на предлог-законот, е амнестијата на лицата кои во странска држава направиле кривично дело, а казната ја издржуваат во земјава.
Министерството за правда денеска преку писмено соопштение информира дека предлог-законот за амнестија, кој уште минатата недела се најде на владина седница, по што беше вратен на дополнително усогласување, добил „зелено светло“ на денешната седница на Владата.
Амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија, ги сториле по 1 септември 2023 година. Од вкупно 2114 затвореници, целосна амнестија ќе добијат 286 од нив, а делумна амнестија 996 затвореници. Од Министерството за правда соопштија дека нема амнестија за тешки кривични дела, како убиство и кривични дела против државата, изборите, разбојништво, половата слобода, семејно насилство и родово -базирано насилство. Изоставени се и делата кои беа предмет на измени на Кривичниот законик.
ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го блокира законот со сите демократски алатки што ги има на располагање. Годинава амнестирани беа лицата кои не ги плаќаа казните за време на ковид пандемијата.