Предлог измените на Законот за минерални суровини ќе бидат усвоени во Собранието во редовна постапка

Фото: МИА

Министерството за економија информира дека ќе ѝ предложи на Владата да ги повлечат Предлог измените на Законот за минерални суровини поднесени до Собранието по скратена постапка. Целта е, како што велат од Министерството, негово доработување и усогласување со забелешките изнесени во барање.

Потоа, Предлог законот повторно ќе го достават за донесување по редовна постапка.

Министерството за економија соопшти дека во текстот на барањето увидело дека дел од забелешките за одредби од Законот за минерални суровини се погрешно толкувани или нецелосно разбрани и затоа сакаат точно да ја информираат јавноста за истите.

Како што посочуваат од Министерството, со Предлог-законот не е изземена документацијата која треба да се достави кон барањето за експлоатација, а која беше дополнета со Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини од 2019 година, а истата е ставена како задолжителна документација кон барањето за издавање на дозвола за експлоатација и кон членот со кој е уредена финансиската гаранција.

– Поточно, техничко-технолошкиот елаборат за постапката за експлоатација на минерални суровини со техниките и супстанциите што ќе се применат е префрлен во делот кој ја уредува дозволата за експлоатација, бидејќи начинот на вршењето на експлоатацијата се уредува во главнниот рударски проект, кој пак се доставува кон барањето за дозвола за експлоатација. Предходното решение за доставување на овој елаборат со поднесувањето на барањето за доделување на концесијата за експлоатација беше преурането, се наведува во соопштението на Министерството.

Исто така, од таму посочуваат дека процената за деградирање на земјиштето, рекултивацијата и ремедијата на земјиштето, како и планот за управување со отпад се уредени во документацијата која се доставува кон барањето за издавање на дозвола за експлоатација, и за таа цел и финансиската гаранција е предвидена да се достави непосредно пред издавањето на дозволата за експлоатација.

– Постапката за доделување на концесија за експлоатација на песок и чакал не е изменета, а се дополнува и со одредби за донесување на одлука за одбивање на барањето за доделување на концесија за експлоатација во случај кога е добиено негативно мислење од некоја од институциите кои согласно Законот се задолжени да дадат мислење, посочи Министерството.

Министерството за економија информира дека оваа година ќе започне постапка за изработка на проектна документација за изработка на Стратегија за за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини со која ќе се процени потребата и динамиката за издавање на концесии за минерални суровини на конкретни региони.

– Ова е обемен проект кој ќе треба да го изработи стручно-научна институција, но ќе даде одговор за тоа каде има услови за издавање на концесии во даден период, а следејќи ги условите на пазарот и секако согласно стандардите за заштита на животната средина. Согласно постојниот закон општините на чија територија се врши концесиската дејност добиваат 78 отсто од надоместокот, а само 22 отсто оди во државниот буџет, но со овој предлог-закон општините ќе бидат обврзани овие средства да ги користат исклучиво за општествени или комунални дејности. Постапката за пренос на концесија и пренос на удел не се менува, туку само се доуредува, така што надоместокот од седум отсто, како и потребната согласност од Владата останува, појаснуваат од Министерството.

Министерството за економија смета дека треба да се донесе Предлог-законот, бидејќи, како што посочува во соопштение, покрај усогласувањето со другите закони, технички се подобрува текстот на постојниот закон, а со тоа се подобрува уредувањето на оваа материја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот