Предлог-буџетот во фокусот на собраниската седница, власта и опозицијата со спротивни мислења

Собрание
Фото: МИА

Собранието денеска ја продолжи расправата за дополнетниот Предлог-буџет за 2022 година, кој е проектиран на 4,4 милијарди евра.

За власта, Предлог-буџетот има силна развојна компонента и е во насока на подобрување на секојдневното живеење на граѓаните во услови на здравствена и енергетска криза, додека опозицијата смета дека се работи за мегаломански буџет во кој фиктивно се предвидени голем број капитални инвестиции.

– Овој буџет е добар, не е идеален и токму затоа се прифатени голем број од амандманите од опозицијата. Тоа укажува на транспарентноста и инклузивноста при носењето на буџетот. Со буџетот даваме силна поддршка на сите граѓани, поддршка на забрзаниот економски раст, успешното закрепнување на компаниите, сериозна поддршка на евроинтеграциите, ги зголемуваме платите и ја правиме поефикасна администрацијата, рече Дарко Каевски од СДСМ.

Според Љупчо Пренџов од ГРОМ, земјава е на дното во регионот по стапката на инфлација, странските инвестиции и невработеноста. Во 2020 година, како што посочи, државата исплатила 145 милиони евра за камати за јавен долг.

– Македонија јавниот долг го зголемила за 17 проценти, Словенија за 9,7 проценти, Хрватска за 13 проценти, Албанија за 8,3 проценти и Косово за 6,3 проценти. Како држава во овие кризи најмногу сме задолжиле, рече Пренџов.

Забележа дека во Предлог-буџетот зголемени се средствата во ставките договорни услуги, договори на дело и разни трасфери, додека намалување има во средствата наменети за привлекување странски инвестиции, а за аерозагадување нема предвидено пари.

Расправата за Предлог-буџетот продолжува по редовната едночасовна пауза во 15:30 часот.

По десетдневната расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет, Предлог-буџетот беше вратен во Владата која прифати 23 амандмани во вкупна вредност од околу 382 милиони денари и како дополнет Предлог-буџет повторно беше вратен во Собранието на усвојување.

Вкупните расходи во Предлог-буџетот се планирани на 272,4 милијарди денари или 35,2 проценти од БДП, а вкупните приходи се планираат на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Дефицитот е проектиран на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП. Капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит и изнесуваат 37,8 милијарди денари, што е за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година. Запазено е т.н. златно правило во финансиите, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи.

Главните цели на Предлог-буџетот се продолжување на грижата за заштита на јавното здравје на населението, економско заздравување, непречено функционирање на основните функции на државата, забрзување на растот, зголемување на инвестициите при спроведување на фискална консолидација и поддршка за реформските процеси во правосудството и евроинтеграциските процеси.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот