Предлог буџетот на општина Гази Баба за 2020 година содржи проекти за капитални проекти

Општина Гази Баба првите три месеци од 2020 година ќе ги започне со времено финансирање, поради не изгласувањето на буџетот од страна на мнозинството во Советот. Тоа значи дека општината од јануари до март нема да има пари за реализација на проектите поради стапување на сила на одлуката за времено финансирање на општината, се наведува во соопштението на Општина Гази Баба.

Вкупниот буџет на општината е проектиран на 416 милиони денари.

Како што соопшти прес-службата на Општината, околу 83 милиони денари се предвидени за инфраструктурни проекти односно за изградба, ревитализација, одржување и проектирање на објекти.

Изградба на улицата Јордан Пиперката, реконструкција на улицата Фуштанска, Жан Жорест, Никола Киров Мајски се само дел од улиците кои се дел од предвидената програма за изградба и реконструкција на улиците за 2020 година. Дополнително предвидени се шест милиони денари за реконструкција на улици во Јурумлери и Трубарево каде е извршена изградба на фекална канализација, како и во новата населба Хиподром 2. Планирани се пет милиони денари наменети за реконструкција на улици согласно утврдена листа од страна на Советот.

Со финансиска поддршка добиена од Владата за 2020 година обезбедени се средства за реконструкција на локалниот пат Раштак – Бутел, како и изградба на два локални патни правци во Булачани и Виниче.

– Во 2020 ќе се гради канализациона мрежа во населените места Гоце Делчев, Смилковци и Црешево, и ќе се продолжи со градба на канализационата мрежа во Јурумлери и Трубарево. Дополнително во капиталниот дел обезбедени се средства за изградба на монтажен паркинг во Автокоманда, изградба на велосипедска и пешачка патека поред реката Вардар од Мерцедес до Јурумлери, изградба на спортска сала во училиштата Кирил и Методиј и Наум Охридски, како и продолжување со градба на детската градинка во Стајковци.

Буџетот обезбедува и средства од 10 милиони денари за поставување на нови линии за улично осветлување и нивно одржување. Во текот на 2020 година е предвидено замена на 4.200 светилки, со нови ЛЕД светилки, со што би се реализирала годишна заштеда од 35 отсто. Главниот фокус на следната буџетска година е животната средина, каде се обезбедени два милиони денари средства на општината и дополнителни 10 милиони денари од градот Скопје, со кои ќе се уреди 15.000 метри квадратни јавен простор, како и дворовите на училиштата и детските градинки, стои во соопштението.

Се обезбедуваат и 1.900.000 денари поддршка на 46 здруженија на граѓани со кои општината заеднички ќе реализира повеќе проекти од областа на животна средина. Обезбедени се 3.500.000 денари за поддршка на 29 спортски здруженија од општината во организација на спортски активности.

– Со буџетот за 2020 се продолжува да се дава поддршка на младите. Стипендиите за талентирани ученици и спортисти, како и грантот за студенти иноватори и оваа година се дел од предлог буџетот на општина. Предвидени се средства со кои Локалниот младински совет на општината самостојно ќе може да ја реализира својата програма за работа.

За програмата социјална заштита се одвоени 2.650.000 денари. Се обезбедува бесплатен превоз на лица со инвалидитет, еднократна парична помош на лица во висок социјален ризик, дневен центар за стари лица и давање помош во домашни услови, поддршка на центри за борба против семејното насилство, а ќе реализираме и проект за инклузија на деца Роми во детските градинки, информираат од општината.

За прв пат со буџетот за 2020 година планирани се нови буџетски програми. Првата програма за уредување на сопственичките права на општината врз објектите во нејзина сопственост, со која општината конечно објектите кои ги има во свое владение ќе ги запише во државниот катастер. Втората за формирање на јавно претпријатие за управување со индустриската зона заобиколница, со цел долгорочен економски развој на општината и отворање на нови работни места. Третата буџетска програма за формирање на јавно претпријатие за управување со објектите за култура и спорт во општината, за нивно реконструирање и враќање повторно во функција на граѓаните, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот