Предизвик за младите креативци за европски приказни дава фестивалот на „Чудна шума“

На пет локации во Скопје, од 30 мај до 6 јуни, ќе се одржува книжевната и творечка манифестација за деца и млади „Млади европски приказни, млади креативци“, во организација на издавачката куќа „Чудна шума“.

На фестивалот ќе земат учество повеќе македонски автори и илустратори за деца и неколку издавачки куќи, а фокусот на фестивалот ќе бидат креативните работилници за деца и млади со различни возрасти, промоции, читања и претставувања на книги за деца и млади. Посетителите ќе имаат можност да погледнат и изложби, камишибаи претстава и да бидат дел од едно поинакво искуство.

Фестивалот ќе се одвива на пет локации во Скопје: Младинскиот културен центар, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и нејзините централни објекти – библиотека „Другарче“ и библиотека „Цветан Димов“ (Чаир), како и новоотворената книжарница „Чудна шума“ на улица „Костурски херои“ бр. 19 (веднаш до Универзална сала).

Работилници ќе држат авторите и илустратори: Ирина Атанаскова, Небуше Ајети, Наташа Костовска, Билјана С. Црвенковска, Симона Јованоска, Алексеј Костовски, Нита Муча, Доротеј Нешовски…

На манифестацијата ќе се одржат промоции на книгите: „Sуница“ од Бранислав Николовски со илустрации на Иванка Ниба во издание на „Едиција Светулка“ (промоцијата ќе вклучува и многу пеење, играње и забавни креативни активности за децата), потоа промоција и креативна работилница „Седумте Некоиси и седумте македонски композитори“ на авторите Бистра Георгиева и Александар Трајковски, со илустрации на Наталија Лукомска – книгата која беше прогласена за најдобра книга за деца и млади на овогодишниот Саем на книга, како и читања и претставувања на уште неколку книги за деца и млади во издание на „Чудна шума“ и „Сказнувалка“. Настаните ќе ги води и модерира Ана Јовковска.

Во рамки на фестивалот „Млади европски приказни, млади креативци“, на 5 јуни (понеделник) и на 6 јуни (вторник) во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ и нејзините централни објекти – библиотеката „Другарче“ и библиотеката „Цветан Димов“ (Чаир), организирани креативни работилници за деца од градинки и основни училишта ќе одржат писателката Билјана С. Црвенковска и уметниците Доротеј Нешовски, Небуше Ајети и Наташа Костовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот