Предизвици за новите власти во Сирија: Прво расчистување со злосторничкиот режим на Асад, па потоа сѐ друго

Огромни се очекувањата на Сиријците од новите власти во Дамаск - Фотографија ЕПА, Хасан Белал

Ќе ги гониме низ Сирија и ќе побараме од други земји да ни ги испорачаат за да ја задоволиме правдата, изјави Ал Голани за Ројтерс, укажувајќи дека приоритет на новите власти е да се расчистат сите злосторства на режимот

Распуштањето на озлогласените сириски служби за безбедност, затворањето на затворите и потрагата по сите што биле вклучени во мачења и убиства на затвореници ќе бидат приоритет на новите власти во Дамаск.

Ова го најави Абу Мохамед ал Голани, лидерот на бунтовниците што за само десет дена го соборија режимот на Башар ал Асад, но ќе имаат многу потешка задача да воведат ред, мир и стабилност во хаотичната земја.

Во изминатите 53 години под Хафез ал Асад, а потоа и на неговиот син Башар, сириските власти станаа синоним за режим што најбрутално ги задушува сите политички противници. Веднаш откако Башар ал Асад пребега во егзил во Москва, а воените и полициските сили се самораспуштија, беа отворени портите на големите затвори, во кои низ  децениите исчезнаа десетици илјади луѓе. Повеќето затвореници излегле живи, други биле идентификувани во импровизираните мртовечници, а сѐ уште се трага по илјадници луѓе. Кога толпата тргнала накај затворите, таму повеќе немало стражари и мачители.

– Ќе ги гониме низ Сирија и ќе побараме од други земји да ни ги испорачаат за да ја задоволиме правдата – изјави Ал Голани за Ројтерс, укажувајќи дека приоритет на новите власти е да се расчистат сите злосторства на режимот.

Сириската опсерваторија за човекови права тврди дека повеќе од 60.000 луѓе биле измачувани и убиени во затворите на Асад. Стотина илјади луѓе сѐ уште се сметаат за исчезнати. Најсуров бил затворот Седнаја, кој всушност бил „логор на смртта“ и го нарекувале „Касапница за луѓе“.

За време на граѓанската војна силите на Асад честопати употребувале и хемиско оружје во населени места за да разбијат бунтовнички групи. Организацијата Хјуман рајтс воч евидентирала 85 напади со хемиско оружје во Сирија во периодот од 2013 до 2018 година, при што владините сили биле одговорни во повеќето случаи. При напад со хемиско оружје во Дамаск во 2013 година биле убиени повеќе од 1.400 луѓе.

Невозможна мисија

Ал Голани, чие вистинско име е Ахмад ал Шараа, е лидер на Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), најмоќната од низата бунтовнички групи низ Сирија. ХТС сѐ уште е на списоците со терористички организации во Њујорк, Вашингтон и Анкара, но Ал Голани настојува да ја прикаже како реформирана организација што се откажала од терористичкото минато, не ги следи суровите шеријатски закони и ги почитува правата на сите граѓани, особено на малцинските групи.

ХТС успешно го претстави својот умерен стил во Алепо, каде што на власт беше избрана Влада на спасот. Сега ќе мора да го стори тоа и низ цела Сирија во хаотична ситуација, во која се преплетуваат безбедносните интереси на сите соседи, кога повеќе нема ни војска ни организирана полиција, кога израелските сили за неколку денови ги уништија резервите на оружје и муниција, воените аеродроми и целата сириска флота, и кога офицерите и членовите на разбиениот Хезболах масовно се повлекуваат во Иран, од кој, пак, зависи доставувањето на нафта и гас за индустријата и енергетскиот систем. Бунтовниците што се на власт не само што немаат сојузници на меѓународната сцена, туку и соработката со нив е официјално невозможна, зашто се на списоците со терористички организации.

И пред ненадејната офанзива на ХТС до Дамаск, Сирија беше разурната и расцепкана од 13-годишната крвава граѓанска војна. Повеќе од десет милиони жители принудно живееја далеку од своите домови, а неколкуте милиони што беа згрижени во собирни центри во соседните земји, сега сакаат да се вратат во своите домови.

Тешката обврска за враќање на бегалците и за обезбедување основни услови за живот е префрлена на новоназначениот премиер Мохамад ал Башир, кој мора одново да создава механизми за нормализирање на ситуацијата.

– Немаме девизи и сѐ уште прибираме податоци за заеми и финансиски обврски. Да, финансиски стоиме многу лошо – изјави Башир, кој и порано ја имал истата задача, но на многу помала територија под контрола на бунтовниците во северниот дел на Сирија.

Обновата на Сирија е гигантски предизвик и за многу поискусни власти со поголеми капацитети, по 13-годишната граѓанска војна во која загинаа стотици илјади луѓе, во услови на меѓународни санкции и изолација.

Позитивни сигнали

Меѓународната заедница праќа воздржани сигнали за поддршка на новите власти во Дамаск. Нивните први чекори беа оценети како „позитивни“ од специјалниот мисионер на Обединетите нации.

– Новата власт мора јасно да ги спроведува заложбите за целосно почитување на правата на малцинствата, да организира доставување на хуманитарната помош до сите на кои им е потребна, да не дозволи Сирија да биде искористена како база за тероризам и да спречи какви било закани кон своите соседи – изјави шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен.

Заменикот советник за национална безбедност Џон Финер потврди за Ројтерс дека Вашингтон со големо внимание и воздржаност го следи развојот на ситуацијата.

– Во изминатите години сме биле сведоци на низа милитантни групи што ветувале дека ќе владеат на инклузивен начин, а потоа гледаме дека не ги исполнуваат своите ветувања – изјави претставникот на Стејт департментот, Метју Милер.

Републикански и демократски конгресмен во отворено писмо ја повикаа Белата куќа да олесни барем некои од санкциите што на Сирија ѝ беа воведени поради бруталниот режим на Асад, кој повеќе го нема. За обновување на санкциите, треба да се расправа во Вашингтон до крајот на оваа година.

Претседателот Џо Бајден, кој ги одработува последните шест недели од својот мандат, вчера тргна кон Блискиот Исток заедно со советникот за национална безбедност Џејк Саливен, во последен обид да издејствува прекин на огнот во Газа, но и за да „помогне за лесна транзиција на власта во Дамаск“, најави анонимен американски функционер. Бајден и Саливен ќе ги посетат Јордан, Турција, Израел, Катар и Египет.

Шпанскиот министер за надворешни работи Луис Албарес изјави дека Европската Унија и Обединетите нации ќе го преиспитаат статусот на ХТС како терористичка организација и ќе разговараат за олеснување на санкциите на Сирија. Тој истакнува дека меѓународната заедница очекува од бунтовничките сили да се трансформираат во политичко движење и да ги почитуваат човековите права.

– Мораме да дејствуваме многу брзо, бидејќи за веројатно еден месец Дамаск веќе ќе има донесено одлуки, по кои нема да го имаме влијанието што го имаме сега – изјави Албарес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот