Предизборни бисери

Мухамед Халили, Фото: Архива

Следејќи ги внимателно предизборните дебати како неутрален индиректен учесник не можам да се воздржам а да не ги кажам и моите ставови за неколку прашања. Професорката Силјановска, која мошне ја почитувам, во една емисија на телевизија зборуваше како професор по уставно право за многу аспекти од нејзините размислувања во однос на многу уставни дилеми и несогласувања присутни во нашата јавност од осамостојувањето до денес. Прво, со нејзините ставови во однос на изборот на претседател на владата потполно се согласувам, со едно дополнување дека секоја политичка партија има право да ја изнесе својата платформа, без право некоја друга партија да ја анатемиса, а граѓаните да го даваат конечниот збор. Изборот на претседател на влада е право на одлука на политичката партија победник на изборите, или во случај на недостаток на доволно пратеници – со консензус на идната владина коалиција. Тука нема етничка боја.

Второ: омилена тридецениска тема е Преамбулата, или граѓанскиот концепт на државата. Не само како дефиниција на државата сама по себе, туку и практичната примена на напишаното. Професорката истакнува дека наместо во текстот на Преамбулата да доминира граѓанскиот концепт, таа стана сопственост на народи наместо сопственост на граѓани – сувереноста припаѓа на граѓаните! Госпоѓа Силјаноска намерно тоа го пласира во јавноста, оти длабоко сум уверен дека  формулацијата „делови на народи“, според дефиницијата, се малцинствата, или поблаго „европски“ речено – „националните заедници“.

Зошто не е така и е како што вели професорката, објаснување дава Стојан Андов во неговите мемоари: „…штом во новиот текст на Преамбулата отпаѓаат зборовите ‘македонскиот народ‘ тогаш се отвораат многу сложени и длабоки политички проблеми пред кои ние едноставно немаме право да ги затвориме очите“. (Андов, „На мој начин“, Матица, 2018). Сегашниот текст на Преамбулата е резултат на заеднички политички компромис. Денеска не сум сигурен што ќе беше подобро за државата: Амандман 4 да беше првичната Преамбула која е дел од Охридскиот договор (со граѓански концепт), предложена од македонските политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а не од албанските (Андов, 2018),  или сегашната Преамбула  со „многу народи“ од претпоследните и последните уставни измени.

Лажни вести

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за европски интеграции, Бујар Османи, на последното интервју на ТВ Алфа, истакна дека ѝ забележува на актуелната влада за недоволното ангажирање околу борбата против лажните вести кои го уриваат нашиот државен апарат и политички систем. Зборувајќи за достигнувањата на неговата политичка партија за време на нејзиното владеење, тој вели дека пред владеењето на ДУИ Албанците беа претставени во јавната администрација со 0,2 отсто,  а за време на ДУИ – досега 98 отсто од 100 отсто вкупните вработувања. Тоа е лажна вест!

Статистиката покажува дека во 1993/94, Албанците беа претставени со 4 отсто во полиција, со 1,7 отсто во УКИМ (студенти). Реално, голема дискриминација. Во МНР во 2000 година имаше 17,5 отсто Албанци. Тогаш за три месеци преку ПДП и ДПА се школувани од страна на ОБСЕ и САД и вработени 500 полицајци итн. Ако е за бројките на вработени Албанци за време на ПДП, можно е да објавиме еден многу голем список на лица уште во периодот 1990-1994, потоа список на директори, заменици, претшколски установи и др. Во Министерството за труд и социјала, раководена од министер на ПДП, до 2002 година биле вработени 16,9 отсто Албанци, а не 0,2 отсто, како што лажно тврди Османи.

Османи покрај пофалбите за вработувањата на ДУИ вклучувајќи ги и тие млади луѓе што ги плаќа без еден ден работен стаж, но со голем партиски стаж за време на изборите, не е информиран или не сака да знае дека во некои институции, како Агенцијата за пошти, НУБ „Климент Охридски“ и други, не знам дали бројот на Албанците еден ден може да стигне до 1 отсто!!!

ДУИ именуваше прв Албанец спикер, Талат Џафери? Лажна вест!

Прв Албанец спикер на Парламентот бил Луан Старова уште пред осамостојувањето на земјата. Во 2000 година, кандидатот за спикер на Собранието Абдурахман Алити, изгуби  против Андов со 9 гласа против на пратениците на ДПА!

Сепак еден факт мора да се признае: откога ДУИ именуваше свој претседател (Албанец) на чело на Собранието на РСМ, почна „рапидно“ да расте бројот на „фамилијарците“ на партиски функционери во престижната, државна високоплатена ЕЛЕМ,  потоа баџанакот на спикерот како антикорупционер, сестрата на министерот Бектеши за која министерот „не бил информиран“ дека е вработена (!), ќерката на спикерот примена без конкурс за која антикорупционерите „открија“ дека  била „одлична“ по успех, а не поради неговото влијание (!). Бројот почна да расте и во Академијата за судии и јавни обвинители со деца на функционери „дуисти“, а ние секој ден зборуваме за реформи и департизација на судството!

За време на владата на Георгиевски и Џафери, во сосема мирни политички води и заемен договор повеќекратни вработувања во администрацијата беа секојдневна појава низ демократски процес, а не како резултат на воен конфликт, како што тие се фалат.

Понатаму, заменикот за евроинтеграции на Зоран Заев вели за себе дека е првиот вработен лекар специјалист Албанец во Клиничкиот центар во Скопје. Тоа е лажна вест. Вистината е дека најмалку четири лекари специјалисти Албанци што ги познавам јас биле многу одамна пред него вработени во Клиничкиот центар Скопје. Можеби тој само себеси се смета за Албанец и можеби смета дека „сертификат за албанство“ луѓето треба да земаат од него и од неговата партија!

Вели дека ДУИ вработил 26 илјади Албанци. Тоа е лажна вест! Вистината е дека (бројот не е важен!) ДУИ вработил Албанци-членови на ДУИ, иако за време на конфликтот Албанците беа во редовите на ОНА без партиска боја. Јас сум длабоко убеден дека во неговиот кабинет нема вработен Албанец од друга политичка партија, а такви ги има во кабинетот на Заев, па дури и во кабинетот на Мицкоски можеш некого да најдеш.

Дуистите се фалат дека го легализирале Тетовскиот (ДУТ), а го основале Штуловиот универзитет. Лажна вест. Вистината е дека ДУТ е основан во просториите на ПДП, а легализиран (без ДУИ да побара!) од Црвенковски. Штуловиот универзитет е основан од двоецот Георгиевски-Џафери, тоа е објективната вест.

ДУИ вели дека ја внеле Македонија во НАТО и сега на ред е ЕУ. Лажна вест. „Македонија во НАТО“ е заслуга на сите политички партии од осамостојувањето на земјата. Посебни заслуги имаат Заев, Ципрас, Димитров, Коѕијас, никако ДУИ, иако и Османи сме го виделе често како непродуктивно трошеше пари за авионски билети за едно „срдечно“ ракување со Коѕијас. Можеби бил на шопинг во Солун?!

Гоце Делчев и албанското кече!

Конечно една радосна вест: Бугарија веќе „нема“ да стави вето на одредување датум за започнување на преговорите со РСМ за членство во ЕУ. Заедничката комисија за толкување на историските настани брзо ќе ја реши дилемата за етничкото потекло на Гоце Делчев. Лидерот на ДУИ овие денови на еден предизборен митинг ја „откри“ вечната дилема: Гоце Делчев бил Македонец, кој носел албанско кече и често држел говори пред Албанците! Кај го читал тоа Али, останува енигма. Ниту во историските дела на Ноел Малколм , ниту во комплетот на Јусуф Буџови можеш да најдеш такво нешто!!!

Досега ние Албанците знаевме дека Питу Гули (Влав), всушност, бил „Албанецот“ Pjetër Gurri од „Илиндитското“ востание, сега дознавме дека и Гоце бил наш! Така ние Албанците, покрај славните Дуа Липа, Рита Ора, Али-паша – основачот на модерен Египет (овие денови и Борис Џонсон!) во наше конто го зголемивме бројот на славните и со името на Гоце Делчев – само поради кечето!

O tempora, o mores!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот