Пред владата во Тирана одржан мирен протест против зголемување на цените

Влада на Р. Албанија / Фото: Принтскрин / Јутјуб

Повеќе стотици граѓани доцна попладнево се собраа пред Владата во Тирана за да протестираат во знак на незадоволство од зголемувањето на цените на основните производи како што се лебот, други прехранбени артикли, нафтата и гасот.

Граѓанскиот активист Адријатик Лапај за медиумите рече дека „не може да има молк пред неправдата и оти секој мора да протестира за своите права”.

– Мислам дека има потреба сите да се солидаризираат и сите да не замижуваат пред фактот да им се земе лебот од уста. Зголемувањето на цените директно води кон зголемување на проблемите на граѓаните. Следниот протест пред владата ќе го одржиме в понеделник во 17 часот, кога очекуваме поголема масовност, рече Лапај.

 

На протестот, кој траеше еден час, најчесто можеше да се видат транспаренти на кои пишуваше „Глад без ДДВ” „Светлина без свеќа” „Гориво без луксуз”.

Присутни беа и познати имиња од екраните, меѓу кои и комичарот Флор Бинај. Тој рече дека секој треба да го подигне гласот, бидејќи зголемувањето на цените влијае на сите.

Протестот беше претходно најавен на социјалните мрежи од граѓани и граѓански активисти.

Во врска со протестот, имаше реакција од Американската амбасада која ги повика своите граѓани да го избегнуваат движењето во тој дел на градот, наведувајќи дека организатор е опозициската Демократска партија, но подоцна ја смени објавата.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот