ПРЕД ЕВРОВИЗИСКИ СКАНДАЛИ: Плагијат и повик за насилство врз жените на Беовизија (ФОТО+ВИДЕО)

Два пред-евровизиски скандали ја тресат српската естрада, откако за една песна се зборува дека е плагијат, додека за друга се испостави дека повикува на насилство врз жените.

Пејачката Ана Миленковиќ ги разлути фановите на Евровизија бидејќи јавноста тврди дека во нејзината нумера „Тајна“, со која се обидува да добие пласман за да ја претставува Србија во Холандија, се препознава главната тема на анимираната серија „X-men“. 

Ова ги поттикна фановите на Евровизија на негативни коментари.

Ана Миленковиќ веќе има евровизиско искуство, откако во 2007 година беше дел од победничкиот тим на Марија Шерифовиќ за изведбата на нумерата „Молитва“.

Другиот скандал го обелодени Автономниот женски центар за нумерата „Свадба голема“, која ја изведуваат Бора Дугиќ и Балкубано. Во своето соопштение навеле дека оваа нумера повикува на насилство врз жените.

Од РТС првично изјавиле дека веднаш реагирале текстот да биде изменет, а нумерата сепак да остане во трката на Беовизија за овогодишен претставник на Евровизија.

Спорниот текст во старата верзија вклучува стихови како „Понесов бомба за да докажам дека никој друг не смее да те има, понесов бомба за да го разнесам цел свет“, како и „Ако кажеш не, ако кажеш не, ќе разнесам се, ако кажеш да, ако кажеш да, ќе имаме свадба голема“.

Сепак, српски Телеграф денеска пишува дека Бора Дугиќ дефинитивно нема да настапи на Беовизија, бидејќи музичарот се соочувал со нарушено здравје и не би можел да се појави ниту на пробите, а ни на полуфиналната вечер.

Шефот на службата за односи со јавност на РТС, Душко Вучиниќ се огласи за да потврди дека песната не е дисквалификувана и дека составот Балкубано ќе настапи, но без Бора Дугиќ.

– Песната не е дисквалификувана, Бора Дугиќ нема да се појави на сцената од здравствени причини, но во нумерата тој е инструментален солист, што ќе остане така.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот