Пред дождот уште една оставка во Град Скопје: Настов си заминува од директорската функција во ЈП Улици и патишта

Борис Настов/Фото: Фејсбук

В.Д. директорот на ЈП Улици и патишта Борис Настов поднесе оставка до градоначалничката Данела Арсовска и се заблагодари на следбениците на Фејсбук за довербата и поддршката што му била дадена за да раководи со ЈП Улици и патишта.

-Пред 9 месеци, кога станав в.д. Директор на ЈП Улици и патишта, затекнав претпријатие во многу лоша состојба, како финансиски, така и во однос на реализацијата на проектите. Во изминатиот период работев напорно заедно со моите соработници, наспроти сите предизвици и проблеми, за да се подобри работењето на претпријатието, а во функција на исполнување на очекувањата на граѓаните. Мојата мотивација во работата беше реализација на проектите кои им ги ветивме на граѓаните на Град Скопје. Иако преку спроведните проекти и воспоставените добри практики во работењето на претпријатието многу работи се подобрија, реализацијата на проектите не се одвиваше според моите и очекувањата на граѓаните. Затоа, ве известувам дека давам неотповиклива оставка на местото в.д. директор на ЈП Улици и патишта. Оваа моја одлука ја донесов како резултат на неадекватната комуникација со Градоначалничката на Градот Скопје, како основач на Претпријатието, како и немањето на разбирање при реализаиција на клучните проекти од интерес на Градот, а за кои јавното претпријатие имаше можност и потенцијал. Неможноста и покрај сите мои искрени намери и напори да воспоставиме меѓусебно разбирање, соработка и почитување како неопходни фактори за успешна имплеметација на зацртаните проекти и активности на претпријатието, придонесоа кон донесување на оваа моја одлука, напиша Борис Настов на својот профил на Фејбук.

Тој искрено им се заблагодари на сите вработени и соработници во претпријатието кои работеа деноноќно на сите проекти и покрај отежнатите услови на функционирање, како што рече „секогаш исполнувајќи ги задачите на највисоко професионално ниво“.

Денеска оставка даде и директорот на ЈСП Турс Филип Велкоски како и директорот на ЈП Лајка Воислав Димитровски, а пред нив оваа седмица и директорите на ЈП Градски паркинг и ЈП Дрисла, Бојан Христовски и Јане Мицевски, а Арсовска ги разреши директорот на Водовод Златко Перински и секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот