Пребеган функционер ги открива мрачните тајни на Ким Џонг ун: Праќав убијци, шпиони и правев дрога

Ким Кук-сонг / Фото: Би-би-си, скриншот

Ким Кук-сонг три децении работел во моќната севернокорејска шпионска агенција, чувал тајни, испраќал убијци да ги елиминираат критичарите па дури и направил нелегална лабораторија за производство на дрога за да собере пари за „револуцијата“.

Тој е прв воен офицер од Пјонгјанг кој одлучил јавно да ја каже својата приказна и тоа го стори за Би-би-си.

Како што вели за себе во ексклучивното интервју, тој бил најцрвен од црвените, лојален комунистички поданик, но ниту тоа не му гарантирало безбедност во Северна Кореја, па во 2014 година стравувајќи за сопствениот живот пребегал во Сеул, каде што сега работи за тамошната разузнавачка агенција.

Ким Кук-сонг вели дека севернокорејските разузнавачи се очи, уши и мозок на врховниот водач Ким Џонг-ун.

Поранешниот полковник вели дека Северна Кореја на сите начини се обидува да дојде до пари – од продажба на дрога, оружје на Блискиот исток и во Африка.

Иако Би-би-си не може да ги потврди изјавите на Ким, индикативно е тоа што досега не реагираа ни севернокорејската амбасада во Лондон ни мисијата во Њујорк.

За младиот Ким Џонг-ун вели дека сакал да се докаже како „воин“. Затоа Северна Кореја создала нова шпионска агенција Извидувачко општо биро 2009 во времето кога Ким се подготвувал да го наследи татко му. Таа година Ким Кук-сонг добил наредба да оформи терористички одред кој ќе го убие поранешниот севернокорејски функционер пребеган во Сеул. 

-Со тоа Ким Џонг-ун сакаше да му удоволи на татко му. Одредот беше формиран и јас лично управував со него и ја завршив работата. Требаше да се убие Хуанг Џанд-јоп, вели Ким Кук-сонг.

Хуанг беше пронајден мртов во својот дом во Сеул во октомври 2010 година, а првичните извештаи укажуваа на срцев удар. Но, поради греши во обидите за неговото убиство сега двајца севернокорејски мајори служат 10-годишна затворска казна.

Разузнавачот вели дека во Северна Кореја дури и кога се гради пат тоа мора да биде одобрено од врховниот водач. Со тоа сака да каже дека одговорноста за сѐ што се случува во и во врска со Северна Кореја ја сноси Ким Џонг-ун.

-Има една случка во која еден севернокорејски агент работеше во претседателската канцеларија во Јужна Кореја на почетокот од деведесеттите години. Тој потоа се врати во Северна Кореја откако пет-шест години работеше таму. Агентите имаат активна улога и во различни граѓански организации и во важните институции во Пјонгјанг, вели Ким Кук.

Северна Кореја има 6.000 обучени хакери подготвени за кибер војна, потврдува Ким Кук. Тој вели дека Универзитетот Моранбонг ги избрал најпаметните студенти и ги обучувал на специјална обука што траела шест години.

Британските разузнавачи сметаат дека севернокорејската група Лазарус стои зад неколку големи хакерски напади ширум светот меѓу кои и на здравствениот систем на Британија.

Ким Џонг-ун неодамна објави дека земјата е соочена со криза, а во април го повика народот да се подготви за „напорен марш“, фраза која се користи за опишување на голем недостиг на храна каков што имаше пред дваесетина години. Тогаш на Ким Кук му било наредено да собере „револуционерни фондови“ што значело да почне да се занимава со производство на дрога. Така и сторил. Произведувал кристален мет. Тој додава дека сите пари во земјата му припаѓаат на врховниот водач.

-Со тие пари тој изгради вили, купуваше автомобили, храм, храна, облека и уживаше во луксуз, вели разузнавачот.

Друг извор на приходи е илегалната продажба на оружје на Иран, а станува збор за мини подморници. Ким Кук вели дека се продава оружје и технологија на  земји во кои има граѓански војни.

Ким Кук-сонг во Северна Кореја уживал во привилегиран живот. Возел мерцедес и смеел да патува во странство. Но, кога младиот Ким Џонг-ун доаѓа на власт и решава да го погуби тетинот кој уживал поголем углед од него, на Ким Кук-сонг му станало јасно дека ни тој енма да поживее долго ако не побегне.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот