Правдата за еко-инциденти бавна или недостижна

Фото: ДИЖС

Аерозагадување, фрлање отрови во реките, палење и сечење трска и уништување на Охридското Крајбрежје, дива сеча, расфрлање отпад, палење шуми… се дела против животната средина, но во државава тие ретко или со големо задоцнување добиваат правна разрешница. На епилогот се чека долго, честопати и нема конечна одлука дури и кога постапуваат инспекциите, полицијата, Обвинителството…

Во март годинава катастрофално беа загадени водите на Дебарското Езеро со супстанца слична на мазут, и тоа неполн месец пред да се обелодени аферата за нелегална продажба и користење на лажен, токсичен мазут во земјава. Во април беа актуелни повеќекратни палења на трската на брегот на Охридското Езеро крај Струга, кога се шпекулираше дека зад тој чин се кријат бизнис-интереси за бетонирање и уредување на плажи крај градежни парцели. Фирма на Нефи Усеини од Охрид во ноември минатата година насипуваше отпад и градежен шут во езерото, кај месноста Далјан, но полицијата кривична поднесе дури во мај годинава.

По повеќе месеци откако се документирани од органите на прогонот, за ниту еден од овие случаи нема разрешница. За сите три спомнати случаи, информираат за „Слободен печат“ од Обвинителството, сѐ уште нема ниту обвиненија. Постапките се сѐ уште е во фаза на предистражна постапка, односно се утврдуваат фактите и се обезбедува потребната документација, информираат од Обвинителството.

За „Мазут во Дебарско“ уште нема ни распит на пријавените

За аферата „Мазут во Дебарско“, која е во надлежност на Основното јавно обвинителство Кичево, е поднесена кривична пријава против две физички и едно правно лице, откако се направени вештачења за утврдување на фактите.

„Допрва ќе се прави распит на пријавените, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука,“ велат од ОЈО Кичево.

Слично е и со палењето трска, која е во надлежност на ОЈО Струга. За тој предмет се сослушани повеќе сведоци и пријавеното лице. Се чека вештачење, по што ќе се одлучува дали ќе биде покренато обвинение. Иако во „случајот Далјан“ биле затекнати камиони на “Нефи ИК“ Дооел Охрид на самото место, на повидок не се гледа никаков правен епилог.

Граѓански организации кои се занимаваат со т.н. еколошка правда потенцираат дека домашното правосудство нема ниту доволно искуство ниту знаење за да постапува во предмети поврзани со животната средина.

– Тоа што не се води евиденција дали постапките се водат против физички или правни лица, создава јавно мислење дека судската власт го штити бизнисот и овозможува нивно комотно однесување, односно загадување, за сметка на поединци кои направиле помал криминал – вели Кирил Ристовски од граѓанското здружение за еколошка правда „Флорозон“.

Тој додава дека поради таквата реалност, перцепцијата на еколошката правда кај граѓаните е негативна.

– Не треба да чуди што во помалите средини граѓаните се самоорганизираат и се обидуваат да изборат некаква правда со блокирање изградби и борба против злоупотреби – вели Ристовски.

Од Обвинителството за „Слободен Печат“ информираат дека тие објавуваат само збирни податоци за вкупните бројки на кривични дела според глави на Кривичниот закон, но не и конкретна евиденција за какви кривични дела имало обвиненија, колку обвинети имало и што се случило со нив понатаму. Оттаму даваат податоци за конкретен случај, но само ако се знае името на обвинетите или бројот на предметот.

Дали и Дебарско Езеро e жртва на лажниот мазут?

Здружението „Млади правници“ ја тужи Владата

Здружението „Млади правници“ во 2019 година поднесе тужба пред Граѓанскиот суд за утврдување на повреда на правото на здрава животна средина поради аерозагадувањето. Здружението ги туѓеже Владата, Министерството за животна средина и Градот Скопје дека го нарушиле правото на здравје, правото на здрава животна средина, правото на приватност на личниот, семејниот живот, затоа што од 2007 до 2018 година не преземале неопходни мерки за справување со аерозагадувањето.

– Оценивме дека носители на јавни функции го повредиле законот со несторување, односно не спречиле аерозагадување. На крајот на минатата година поднесовме ургенција до Обвинителството за организиран криминал. Оттаму ни беше одговорено дека е препратена кривичната пријава до Основното јавно обвинителство во Скопје. Други информации немаме – вели Бојан Трпевски од „Млади правници“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот