Правда, сепак, ќе има! – Слободен печат
Колумни

Правда, сепак, ќе има!

Криминалците успеваат долго да останат на слобода, живеејќи живот каков што само можат да посакаат вистинските бизнисмени од западните земји, кои мораат да работат најмалку по 10 часа дневно за да опстанат во суровиот свет на капитализмот. Овие газди овде можат да прават што сакаат затоа што цела држава им е на располагање.

Првата реакција на големите криминалци, кога се откриени и разобличени, е да ја префрлат вината на други. Тие веднаш цивкаат дека се жртви на неправда, дека постои некаква сила, режим, што ли. Не знаејќи како, а онака бесрамни и дрски какви што се, криминалците буквално ги крадат изразите и квалификациите што важат за нив, што со години беа упатувани на нивна адреса. Со истите тие изрази и квалификации што, рековме, важат токму за нив, тие тргнуваат во поход да го разнишаат и дискредитираат системот и неговите претставници.

Бидејќи се големи криминалци, повеќето од криминалците своевремено влегоа во политиката (само малкумина останаа „чисти“ бизнисмени). Тие имаат големи пари, поголеми отколку што можеме да замислиме. Во нивната орбита кружат медиуми, политичари, послушници, поситни криминалци, тепачи, невладини фолиранти, тролови и разни други грабливци и инсекти…

Животот на криминалците е лесен и убав, раскалашен. Освен дебелите сметки во даночните рајски градини и огромниот кеш, тие имаат големи куќи, накит, коли, јахти, слуги, љубовници од разни родови, скапи играчки за возрасни, разни дроги за подобрување на либидото или расположението… Сето тоа украдено од некогашниот социјалистички работен народ, а сега само осиромашени и понижени граѓанки и граѓани. Сето тоа го украдоа со помош на законите што ги креираа самите.

Криминалците успеваат долго да останат на слобода, живеејќи живот каков што само можат да посакаат вистинските бизнисмени од западните земји, кои мораат да работат најмалку по 10 часа дневно за да опстанат во суровиот свет на капитализмот. Овие газди овде можат да прават што сакаат затоа што цела држава им е на располагање.

Но, сѐ има крај, и добрите и лошите работи. Така е тоа. Кога некој ќе реши да му стави крај на беззаконието и да го исчисти криминалот, тогаш ја откриваме сета моќ, а уште повеќе незамисливата расипаност, нечесност и нечовечност на криминалците.

Тоа што јавноста погрешно го нарече „Случај Реќет“, а криминалците со тоа се обидоа да добијат во време и маневарски простор зад тој назив. И! Речиси им успеа да се претстават, кутрите тие, како „жртви на режимот“. Дури им успеа довчерашни вистински жртви на режимот да застанат во нивна одбрана. Неверојатно, би рекол некој, но во земја во која политичката култура и медиумската писменост се на дното, тоа е сосема можно, а македонската реалност не е далеку ни од многу поразвиени општества и поголеми држави. Тоа е светот, денес…

Но, да се вратам на „реќетарскиот случај“. Ако некој мислеше дека со просто замачкување на насловот на еден случај, ќе успее да ја сврти ситуацијата во корист на криминалците, ќе се изненади. Ни оддалеку не е онака како што очекувавме, баравме и се надевавме, но сепак, организмот на оваа држава почна да се брани.

Така, со правдата ќе се соочат двете страни на тешкиот коруптивен случај во кој Јордан Камчев, човек со повеќе од еден пасош во џебот, ќе мора да ја искуси полната сила на законот. Правда ќе има, без оглед на тоа колку тролови и онлајн гадинки се на страна на криминалците, богато платени или само замаени од „алуминиумот“ што обилно го истураат „куририте“…

Ама како тоа? Чекај! Па, закон за обвинителство не е донесен! Па, политичките преговори не се ни започнати како што треба! Па јавноста! Па ова, па она…

„Тој што со сила, сериозна закана или со ветување, нудење или давање некаква корист ќе влијае врз судија, јавен обвинител или друго службено лице или адвокат да презема или да не презема со закон предвидени дејствија во постапка пред суд или друг орган надлежен за водење постапка уредена со закон спротивно на неговата службена или адвокатска должност и овластувања, или ќе го спречува во вршењето такви дејствија, ќе се казни со затвор од една до десет години.“ (Член 368-a, став 5, „Попречување на правдата“)

Овој член важи и за Јордан Камчев и за сите како него, ќе има набројување во следната прилика. Дал пари. Има снимки што можеби и самиот ги лиферувал во јавноста, домашна и меѓународна. Ова, по сите логики, човечки и правни, треба да биде многу лесен случај, со брза и ефикасна разрешница.

Останува само прашањето, кога?

Извор: Цивилмедиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Исто прочитајте

Close
Close