Правда ќе прифати дел од забелешките на јавната расправа за Законот за обвинителство

Министерство за Правда/ Фото: Влада на СРМ

Дел од забелешките искажани на вчерашната јавна расправа за Законот за јавно обвинителство ќе бидат имплементирани во законскиот текст – дознава „Слободен печат“ од извори во Министертсвото за правда. Тоа го очекуваат и од опозициската партија.

– По вчерашната јавна расправа за Законот за јавното обвинителство на Комисијата за политички систем, ВМРО-ДПМНЕ очекува постоечкиот законски текст да се врати во работната група за да ги вметне забелешките на експертите – велат од партијата.

Од таму се повикуваат на експертските ставови на професорите Гордан Калајџиев, Татјана Каракамишева, Гордана Силјановска – Давкова и Слаѓана Тасева кои вчера посочија дека текстот на предлог законот има бројни недостатоци и недоречености и како таков треба да се врати назад во работната група.

– Ние се согласуваме со забелешките изнесени од стручната јавност и предлагаме тие да бидат вградени во постоечкиот текст на Законот за јавното обвинителство – велат високи партиски извори на ВМРО-ДПМНЕ.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека токму затоа и не земале учество во вчерашната јавна расправа, за јавноста да не добие впечаток дека тие како опозиција наоѓале недостатоци. На министерката за правда ѝ порачаа дека би било добро да ја послуша стручната јавност бидејќи тие биле „еднакви со неа“, и го кажале она што долго време и го укажувале и многу други.

Министерката за правда Рената Дескоска на фејсбук најави „закон на повидок“. Во говорот пред пратениците таа наведе дека Законот за јавното обвинителство е изготвен од работна група составена од домашни и странски експерти и е заснован врз меѓународни документи од држави со уредување слично на нашето. Основните начела по кои се водеше работната група е за воспоставување на Јавно обвинителство кое ќе обезбеди ефикасна и независна правда.

Професорката по уставно право Гордана Силјановска – Давкова, смета дека законот треба да се даде на разгледување на Венецијанската комисија и дека не може да се носи по скратена постапка. Според академик Владо Камбовски, кој е и претседател на Комисијата за изработка на Законот за јавното обвинителство Собранието се наоѓа во позицијаа кога мора да го донесе овој закон, дури и по цена изборите да бидат одложени за еден месец. Професорот Гордан Калајџиев, пак, оцени дека во законот не е имплементирана европската регулатива.

Најголемите стручни забелешки сепак беа дека со законот има повластени обвинители, се крши принципот на еднаквост во службата, дека е нарушен принципот на стварна и месна надлежност, дека не смеат да бидат префрлани предметите на СЈО во Јавното обвинителство. Јавниот обвинител Љубомир Јовески вчера рече дека законот е добар и дека со него се гарантира изборот на обвинители да оди преку советот на обвинители, наместо партиите да ги избираат обвинители.

И додека експертите и пратенците дебатираат за законот, амбасадорите на САД, Германија и Италија испратија апел законот да се донесе, а политичките партии да ги надимнат партиските интереси. Амбасадорката на САД Кети Мари Брнз, рече дека граѓаните очекуваат и заслужуваат да видат, дека оние што ја злоупотебиле јавната доверба ќе одговараат и дека правдата е еднаква за сите. Но и дека Законот ќе биде клучен за Македонија да покаже посветеност за членството во ЕУ.

Амбасадорите на Италија и Германија, Карло Ромео и Томас Герберих исто така испратија пораки да се продолжи со реформите во судството и борбата против корупцијата. Шефот на Делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар, изрази надеж дека нов закон за јавното обвинителство ќе биде усвоен пред распуштањето на Собранието. Притоа, Жбогар рече дека „предлог-законот што е на маса претставува добра основа за носење консензуална одлука“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот