Пратенику Апасиев, јас не ви верувам!

Атанас Костовски, Фото: Архива

Професорот по римско право, по историја на правото и филозофија на правото на Универзитетот „Гоце Делечев“ во Штип и претседател на партијата Левица и официјално стана еден од 120 народни избраници во Собранието на Република Северна Македонија. Во моментот без свечена изјава и без пратенички имунитет… Пред точно две години, трипати на страниците на „Слободен печат“ поарчив драгоцен простор во молење да ми одговори на прашањето што сам себеси го постави. Имено, на 28 јуни 2018 година го пренесов она што професорот Димитар Апасиев го напиша  на својот профил (23 јуни 2018 година, во 10 часот и 44 минути): Дознав дека дел од „професионалните“ новинари, кои ве убедуваат да си го смените името, земаат по околу 3.000 евра хонорар месечно. А вие ринтајте за 200 евра плата и гласајте на референдум за да има цензус. Или што би рекол министерот за надворешни „вин-вин ситуација“.  „КешСиЕКеш“, „Илинденска ДоГроП”Бојкот”.

Трипати пишував, трипати со одбрани зборови го молев професорот Димитар Апасиев да ги соопшти на јавноста имињата на новинарите што го погазиле нашиот новинарски устав (кодекс), искрено бев малку и љубоморен – кои се тие колеги што месечно дополнително земаат по речиси мои 7-8 пензии! Не помогна и она што искрено го мислев па и го напишав: секогаш со задоволство ве слушав на ТВ, ги читав вашите ставови, особено за аболицијата на претседателот Иванов, па и за примањата на непостоечките вицепремиери во Владата на Зоран Заев, веројатно некогаш и заедно сме чекореле во караваните на Шарената револуција. Добро, веројатно и во владите на Никола Груевски и Емил Димитриев имало вицепремиери, но се согласувам, тоа е веќе минато свршено време, или беше тоа време кога имаше слика, ама немаше тон, и обратно!

Но, почитуван професоре, и вашето „откритие“ за да не ја зголеми бројноста на „лажните“ вести, барам од вас веднаш да ѝ ги соопштите на јавноста имињата и презимињата на новинарите кои примиле (и ќе примаат) по 3.000 ЕУР за да нė убедат да излеземе на референдум…

Трипати пишував, трипати молев, безброј пати прашував во „Слободен печат“ дали се јавил докторот по правни науки, членот на предизиумот на Левица и познатиот активист на движењето Ленка, професорот Димитар Апасиев,  но одговор и до ден денес не добив! Доцна дознав за гостувањето на лидерот на Левица кај колегата Гоце Михајловски во „Канал 5“. Бидејки и по две години сум во потрага „само на вистината“ ќе го замолев колегата Михајловски да побара одговор од новиот народен избраник за високите новинарски хонорари во летото на 2018 та година… Последното мое „молење“ до професорот Апасиев го завршив со зборовите на еден од најпризнатите македонски интелектуалци Методија Чепреганов, специјалист невропсихијатар, изречени во предреферендумските денови  во разговорот со колегата Сеад Ризвановиќ на ТВ 24: „Македонскиот народ се храни со злоба, пакост, љубомора, омраза и параноја. Јас сум апсолутно за прогрес, јас ја знам Европа, тие не ја познаваат. Европа е објективна, реална, нема импровизации и нема емоции. Ние сме нереални, необјективни, со многу емоции кои ни ја стеснуваат свеста и ни го пореметуваат логичкото мислење и, на крајот, импровизираме, сė што правиме е импровизација, тоа е недопустливо. Дискусија за референдумот не би требало овој народ да прави, тој си ја сече гранката на која треба да оди напред!“

Пренесувајки ги овие мисли, пораки на  штипскиот (по раѓање) професорот доктор Методија Чепреганов , постои можност сегашниот професор на штипскиот универзитет  Димитар Апасиев да ме придодаде на неговиот список на пропагаторите за успешност на претстојниот референдум со месечни примања од 3.000 евра.”

Во потрга за вистината, се посрамоти и Здружението на новинарите на Македонија.  ЗНМ, Советот за етика при медиумите и Независниот синдикат на новинарите и медиумските работници, при крајот на октомври 2018 година со право реагираа на пишувањето на грчкиот веб-портал „Иефимерида“ по објавената информација дека грчката влада поарчила милионски суми за корумпирање на македонските новинари и медиуми. Во дописот се бара од уредништвото на веб-порталот да ги објави имињата на новинарите и медиумите што наводно примиле пари со цел да навиваат јавно за Договорот од Преспа!  На страниците на „Слободен печат“ на 1 ноември 2018 година напишав: “читајки го овој заеднички допис на ‘македонските новинарски челници’ неизбежен е мојот впечаток – драги мои помлади колеги, па вие навистина имате, на иста тема два аршина, еден за дома, друг за странство! Зошто? Еве јавно ве прашувам: што има различно во пишувањето на „Иефимерида“ и она на докторот по правни науки Димитар Апасиев? Тие ѝ должат на македонската јавност објавување на имињата на корумпираните новинари, доколку ги има, се разбира. Чудно и несфатливо е зошто новинарските асоцијации  досега молчеа и сė уште не реагираат за обвинувањата од професорот Димитар Апасиев?

Да,  и по две години  граѓанинот Димитар Апасиев не ги обелодени имињата на македонските  новинари кои имаа европски плати во летото 2018 година. Некои работи, сепак, не застаруваат, тие се паметат.

Колку е лесно нешто да се напише на хартија или да се изговори на радио и ТВ, зарем не, професоре Апасиев. Во разговорот со Гоце Михајловски   кажавте многу, ама „ќе чекате да се стекнете со пратенички имунитет, па сето тоа да го обелодените, зошто знаете да возите во вакви ситуации….”

Јас повторно, како што  ви се преставив  Атанасие Боривоје Костиќ (според изводот на родените), Атанаско Костов (според црквата) и Атанас Борисов Костовски (според личната карта на СФРЈ, СРМ и РМ) барам, макар и од собраниската говорница (таму ве штити имунитетот, зар не), да одговорите на прашањето што самиот си го поставивте на 23 јуни 2018 година. Пратенику Апасиев, имиња, ве молам!

За вашата најава на имињата на петте пратеници што се на трансфер-пазарот, за заканите што ви ги подготвуваат структурите на  претседателот на  државата Стево Пендаровски и лидерот на СДСМ Зоран Заев, верувајте, пратенику Апасиев, одговорите на овие ваши новопоставени прашања сите ние во ова наша татковина  со интерес ги очекуваме. Инаку, се согласувам со вас – пензионерот Атанас Костовски и пратеникот Димитар Апасиев, при ист собраќаен прекршок треба различно да платат, според примањата и вредноста на возилото. Со интерес ве слушав, но додека не одговорите на прашањата што сами си ги поставивте – не ви верувам!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот