Пратеникот Велјановски побара ОЈО да отвори предмет за просторот на ШИК Јелак во Тетово

Пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Александар Велјановски од Тетово одржи прес-конференција барајќи одговорност од владејачката коалиција СДСМ-ДУИ за усвојувањето на урбанистичкиот план кој, според него, ќе биде основа да се создаде „бетонска џунгла” со нови 2000 станбени единици. Тој ја обвини власта за криминал и корупција.

Прв ден власт, прв ден криминал на истата таа власт. СДСМ И ДУИ експресно на само еден ден по формирањето на Владата, во Тетово носат измени во Деталниот урбанистички план со кои му овозможуваат бизнис од 200 милиони евра на контроверзниот бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака. Заради бизнис интерес на врвот на власта за кратко овде зад нас на местото на некогашниот гигант ШИК Јелак ќе никне бетонска џунгла со над 2000 станбени единици, илјадници метри квадратни деловни простории и трговски центри. На СДСМ и ДУИ им требаше само еден ден за да го реализираат ветувањето кон Дака, за кое слушнавме пред изборите дека преку Зоран Милевски Кичеец, Владата земала 300.000 евра поткуп и добила ветувања за дополнителен поткуп доколку работата биде завршена, истакна Велјановски.

Тој на прес конференцијата од пред ШИК Јелак побара Обвинителството за организиран криминал и корупција да започне соодветна постапка.

-Според снимката која сите ја слушнавме Дака дава ветување за 2000 м2. Дали тоа се 2000м2 станбен простор и кај кого треба да заврши?! Кој од власта ќе се офајди од авантата од 2000 м2 станбен простор, што е еднакво на 40 стана од 50 м2?! Односно 2.000.000 евра, доколку м2 површина се смета по цена од 1000 евра. Ова ли се темелите на коалицијата СДСМ – ДУИ?! Бизнис интереси на штета на народот!  Никој ниту локалната, ниту централната власт ги прашала граѓаните на Тетово дали сакаат на ова место зад нас да никне бетонска џунгла. За овој криминал некој треба да одговара. Одговорност мора да има. Тетово ќе казни. Во таа насока го повикуваме Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција да реагира и да отвори случај. Информациите од снимките кои излегоа во јавност за поткуп од стотици илјади евра за комбинатот ШИК Јелак сега имаат своја завршница. Ова е сериозен криминал за кој врвот на власта на чело со Заев мора да одговара, истакна на прес-конференцијата пратеникот Александар Велјановски. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот