Пратениците четврти ден расправаат за ребалансот на Буџетот, според опозицијата тој е неплански креиран

Пратениците денеска четврти ден расправаат за вториот ребаланс годинава со чија реализација е поврзан четвртиот пакет на мерки за поддршка на граѓаните и стопанството за излез од кризата предизвикана од Ковид-19.

Опозицијата денеска повтори дека ребалансот е неплански креиран и оти Владата нема стабилна буџетска политика. Не веруваат дека четвртиот пакет мерки ќе ги даде очекуваните резултати и сметаат дека дефицитот нема да може да се покрие од сопствени ресурси бидејќи стопанството е пред колапс поради што ќе мора да има ново задолжување.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека со ваков ребаланс нема да се решат проблемите во државата, туку само ќе се зголемуваат. Според него, овој ребаланс и четвртиот пакет мерки ќе го доживеат истото што и претходните три пакети мерки, односно околу 50 проценти реализација. Милошоски смета дека е погрешно тоа што капиталните инвестиции во градежништвото се намалени и што се скратени средства во образованието.

– Реализацијата на првите три пакета мерки е 54 проценти. Тоа е поразителен факт што покажува поразително планирање или немање на тим којшто ги креира мерките. Овој ребаланс ќе го доживее истото како и претходните мерки, рече Милошоски, забележувајќи дека во ребалансот има и еден вид дискриминација на руралните средини бидејќи не се планирани средства за изградба на амбуланти во овие средини.

Владејачкото мнозинство смета дека ребалансот е неопходно да се донесе за да им се помогне на најпогодените од кризата и повика на соработка и единство меѓу сите политички чинители.

– Евидентно е дека од почетокот на кризата, Владата и надлежните институции покажуваат вистинска грижа за оние кои се намногу погодени од пандемијата. Токму затоа сега е најпотребна соработка меѓу сите парламентарни политички партии и надминување на политичките несогласувања, рече Лидија Тасевска од СДСМ.

Вупните приходи во Буџетот се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари, вкупните расходи на 252,8 милијарди денари или за 5,5 отсто повеќе во споредба со иницијалниот Буџет за 2020 година, а дефицитот е позициониран на 56,5 милијарди денари, односно 8,5 отсто од БДП. Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,1 милијарди денари или за 0,5 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година.

Со Ребалансот се обезбедуваат средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки кој содржи мерки за помош на граѓаните, стопанството и економијата. Со него, според предвидувањата, треба да се спасат 83.000 работни места преку исплата на плати за октомври, ноември и декември во износ од 14.500 до 21.776 денари месечно. Покрај тоа, околу 283.000 граѓани треба да добијат платежни картички од по 6.000 денари за зајакнување на куповната моќ и приватната потрошувачка. За компаниите, пак, погодени од кризата, наменети се десетици мерки како грантови, бескаматни кредити, државна и царинска гаранција и даночни олеснувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот