Пратеници, за дрога тестирајте се во партија, а не во Собрание – Слободен печат
Колумни

Пратеници, за дрога тестирајте се во партија, а не во Собрание

Колку за споредба, во САД тест за дрога се прави на корисниците за социјална помош за да не ги злоупотребуваат парите што им ги дава државата.

Секојпат кога ќе помислам дека пратениците во Собранието не можат да изненадат со некоја иницијатива или дејство кои уште повеќе им го нарушува и така разнишаниот углед, тие успеваат да изненадат. Од вчера сите како да се во зависничка криза, па се тркаат кој побрзо и погласно ќе побара да им се прави тест за дрога. Имам впечаток дека откако Талат Џафери реши да не им донесе лекарски тим да ги тестира во Собранието од понеделник ќе почнат сами да си прават тестови и на прес-коференции да ги објавуваат резултатите за да се види кој е „чист“, а кој не се тестирал. Лудило до делириум.

Дали на овие луѓе што демек ја претставуваат нашата волја и за тоа земаат, за наши услови, повеќе од солидни плати, а од патните трошоци секоја година може да си купуваат по еден стан, мислат дека затоа се во Собранието, за да бараат да им се прави тест за дрога?

Дефинитивно, еве да им кажам, ние граѓаните треба тоа да го бараме, не тие со популистички финти да си ја ишкаат мувата од капата. Од нив се очекува аргументирана и издржана дебата за законите што се носат и решенија за проблемите што ги мачат луѓето.

Колку за споредба, во САД тест за дрога се прави на корисниците за социјална помош за да не ги злоупотребуваат парите што им ги дава државата.

Дали корисниците на социјална помош кај нас користат дрога можеби и не знаат оние кои им ја даваат. Ама со пратенициве е малку поинаку. Тие стануваат тоа што стануваат преку селекција во политичките партии, зошто таму се прават пратеничките листи,  така што место да се прави циркус во Собранието, нека си ги тестираат во штабовите, па тие што ќе го поминат тестот нека си ги ставаат на листите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Исто прочитајте

Close
Close