23.8 C
Скопје

Пратеници и советници напред, хронично болните стој!

Револтот е огромен и затоа што преку системот „Мој термин“ за вакцинација се закажани луѓе со прележан ковид и антитела со параметар 20, што е висока заштита.

Владини советници со прележан коронавирус и претежно млади лица веќе се вакцинирани против ковид-19, додека хронично болните што се повозрасни чекаат да им дојде редот според возраста. Ваквата логика на приоритизација создава револт кај граѓаните што имаат коморбидитети и дел од нив решаваат да не чекаат, туку чарето да си го бараат во Србија.

– Молев да ме вакцинираат, имам 56 години и трансплантиран орган, но ме одбија, требало да си го чекам редот. На крај заминав во Србија да се вакцинирам, – вели Соња Столеска, која на почетокот на април ја примила првата доза од вакцината против ковид-19 во Белград.

Петар Темелков од Скопје вели дека има 46 години и дијабетес, на работа мора да оди, секој ден е во контакт со луѓе, а за вакцина аплицирал на сајтот вакцинација.мк само што се отворил. Покана за вакцина сѐ уште не добил.

– Мене навистина не ми е јасно кога ќе ги вакцинираат лицата со дијабетес, а многумина од починатите од ковид-19 имаа токму дијабетес. Секој ден стравувам да не заболам од оваа страшна болест – ни се пожали Темелков.

Граѓаните на социјалните мрежи сведочат дека, иако се поранешни здравствени работници, со дијабетес, хипертензија, со канцер и со хронични болести кои на почетокот на пандемијата беа предуслов граѓаните да бидат ослободувани од работа поради ризик да заболат и тешко да завршат од ковид-19, сега вакцина за нив мора да се чека според нивната возраст. Револтот е огромен и затоа што преку системот „Мој термин“, за вакцинација се закажани луѓе со прележан ковид-19 и антитела со параметар 20, што е висока заштита.

– Многу е себично луѓе со антитела да се вакцинираат, додека луѓе со хронични болести се тресат од страв и молат да ги одмине оваа чума. Препуштете им ги вакцините на оние на кои навистина им се потребни – коментираат граѓаните.

Главните забелешки се во тоа дека хронично болните честопати немаат прележано ковид-19, а за нив би можело да биде фатално да го добијат. Има луѓе што се пријавиле за вакцинација пред 3 месеци, а сѐ уште немаат добиено термин.

Владината стратегија, односно националниот план за имунизација, предвидува категоризација на граѓаните што имаат хронични заболувања односно тие можат да добијат предност, но само во подоцнежната фаза кога ќе бидат достапни поголем број вакцини. Така, пред ризичните хронично болни, први вакцини добија вработени во МВР, АРМ, Владата, Собранието, новинари, а меѓу нив и лица што веќе имаат прележан ковид-19 и имаат високо ниво на антитела, критериум што беше препорачано да се искористи за да се отстапи вакцината на оние што се поризични, со оглед на тоа дека антителата заштитуваат барем шест месеци по прележувањето. Меѓутоа, и прележаните навалија на вакцинација, затоа што се плашат дека во иднина за нив вакцина нема да има, па сакаат да ја искористат можноста. Жаклина Чагоровска од „Мој термин“ изјави дека откако ќе се дојде до граѓаните што се помлади од 65 години, тогаш ќе почне да се гледа и дали тие имаат хронични болести, за хронично болните да добијат приоритет. Во меѓувреме, реакции за обесправеност стигнуваат и од лицата со ретки болести, кои исто така се на опашката од редот за вакцинација, особено ако се помлади.

Доктор Ненад Лазаров за „Слободен печат“ тврди дека дефинитивно лицата со хронични болести мора да имаат приоритет при вакцинацијата, а причините се многубројни.

– Секој го кажува тоа и никој не го спори, лицата со хронични болести треба и мора да имаат приоритет за вакцинација што во моментов не се случува. Зошто е тоа така? Затоа што тие се посклони ако се разболат и ако завршат во болница, да развијат посериозна болест. Со тоа тие и повеќе ќе ја чинат државата во поглед на трошоците. Меѓутоа, треба да се прави и една потемелна класификација, односно во групата приоритетни да влезат оние со респираторни болести и кардиоваскуларни болести. Проблемот е дека тие луѓе што имаат дијабетес се половина држава. Треба да се вакцинираат и млади изложени во ризик, но тоа да оди паралелно и со хронично болните, не може да се оди само по старосна возраст! Но, еве што се случува кога информатичката технологија се меша во медицината, односно кога се остава „Мој термин“ да решава за термините. Хронично болните не доживуваат 73-годишна возраст во голем број случаи – вели доктор Лазаров за „Слободен печат“.

Поврзани вести

ВИДЕО l Масовна тепачка во украинскиот Парламент: Се скараа пратениците од владејачката и опозициската партија

Слободен печат

Саливан: Бајден и Ердоган не се договорија за руските противвоздушни ракетни системи С-400

Слободен печат

Разни соеви на ковид-19 галопирачки се шират во Африка

Слободен печат

Македонците ќе можат слободно да патуваат во Германија: Границите ќе бидат отворени за вакцинираните лица

Слободен печат

Санкционирани 106 возачи поради пребрзо возење во Тетово и Гостивар

Слободен Печат

Маричиќ: Хрватска ја подджува земјава во стартот на преговорите за членство во ЕУ

Слободен Печат

Остави Коментар