Пратеници бираме, директори „никнуваат“!?

Фото: МИА

На три и пол месеци по парламентарните избори веќе 14 избрани народни претставници си поднесоа оставки од пратеничките места и најголем дел од нив укажаната доверба од гласачите заминаа да ја оправдуваат од министерски или директорски места. Мандатот на седум пратеника од водечките двојки, кои беа носители на изборните листи на СДСМ, траеше само дваесетина дена, по што станаа министри во Владата на Зоран Заев, а пред три дена и носителката од ИЕ2 Сања Лукаревска си замина од пратеничката функција за да се врати на директорското место во УЈП.

Оставка поднесе и носителот на листата на ИЕ5 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Игор Дурловски, како што напиша, поради морал.

Празнењето на дел од пратеничките столчиња брзо по изборите и нивната замена со функции во извршната власт е разбирлива поради политичкиот систем кој подразбира оној што освоил најмногу пратеници да формира влада, а високите партиски функционери се на изборните листи  затоа што тоа им обезбедува пратеничка функција во случај да бидат опозиција после гласањето. Но, ова ги штити нивните лични и партиски интереси, а прашање е што ги штити интересите на гласачите, кои наместо за личностите што им се претставувале како кандидати за пратеници во кампањата, излегува дека гласаат за партијата што ги кандидирала и нејзиниот лидер, кој потоа со коалициските пазарења за министерски и директорски места го докројува и кадровскиот состав на Собранието. 

Не е битно само како се избира, туку и од колкумина се избира

– Ние досега имаме партии што имаат авторитативен пристап кон лидерот, односно тој има голема моќ во свои раце. Ќе треба да помине извесно време и да се види како решенијата од новиот статут на СДСМ ќе бидат спроведени во практика, но и дали и другите партии ќе направат промени во начинот на кои ги избираат своите лидери. Сепак, не е битно само тоа дали лидерот се избира на непосредни избори или со делегатски систем, битно е и колку е демократски начинот на кандидирање. Џабе е што ќе гласа целото членство, ако за лидер на партијата има само еден кандидат – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Според статутот на ВМРО-ДПМНЕ, кандидат за претседател на партијата можат да предложат најмалку 30 делегати на Конгресот, а лидер станува оној што ќе го освои мнозинството на гласовите од делегатите. Конгресот го сочинуваат членовите на ЦК и ИК, активни пратеници и градоначалници, како и делегати од УМС, Унија на жени и други партиски тела.

Според најавите на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, лидерот ќе се избира директно од членовите на партијата и во новиот статут има цела посебна глава за тој процес, но на партиската веб-страница новиот статут вчера не беше достапен за проверка, а стоеше стариот статут од 2013 година.

Аналитичарот Арсовски вели дека политичките партии во европските земји претседателите генерално ги избираат со делегатски систем, а поретко со директни избори. 

– Но, таму се поинаку поставени работите отколку кај нас. Таму делегатите се избрани од општинските организации, а кандидатите за лидери немаат никакво влијание врз изборот на делегатите. Кај нас лидерот ги избира делегатите, а делегатите го избираат лидерот – вели Арсовски.

Нови демократски стандарди

На 25. конгрес СДСМ викендов усвои нов партиски статут, чии крупни измени, како што рече генералниот секретар и вицепремиер Љупчо Николовски, се подготвувале два месеца. Според него, новиот статут е чекор напред кон модернизирање и демократизирање на самата партија, но и на државата.

– Воведена е нова целосна група или глава што се однесува на непосредните избори. Тие ќе се организираат преку активна регистрација на целокупното членство. Овој период ќе го искористиме за целосна евиденција на членството, да ги направиме сите подготовки и веќе во април следната година, со истекот на мандатот на ова раководство, прво да избереме претседател на партијата на први демократски непосредни избори – рече Николовски во гостување на „Сител“.

Тој објасни дека за кандидатурата за лидер се предвидени соодветни услови – пет години работно искуство, односно работен ангажман и членување во СДСМ и еден целосен мандат на членство во Централниот одбор со право на глас. Според Николовски, промените на статутот се пример за другите партии во државата и во регионот во поглед на начинот на функционирање и делување, па дури и во начинот на размислување.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на конгресот ги повика другите партии да го следат нивниот пример и да го зголемуваат степенот на внатрепартиската демократија.

– СДСМ поставува нови демократски стандарди на партиско делување и ги охрабрувам и другите партии да се менуваат на подобро. Тоа ќе биде додадена вредност за нашата македонска демократија и за нашиот политички плурализам – рече Заев.

Тој ја критикуваше опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ништо не менува, а „за државата е добро да има прогресивна опозиција, која нема да го кочи напредокот, нема да ја кочи интеграцијата во ЕУ и ќе биде одговорна, а не деструктивна“.

Летоска ВМРО-ДПМНЕ донесе нов статут и исто така се пофали дека станува најпрогресивната и најдемократската политичка партија во Македонија, со најголем степен на демократија во носењето на партиските одлуки. Новиот генерален секретар Ѓорѓија Сајкоски завчера во гостувањето на ТВ Алфа најави средби со членовите за да ги слушнат нивните идеи и ги повика сите што се на позиции да се свртат кон членовите, симпатизерите и кон граѓаните.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот