Пратениците треба да дадат зелено светло и за неработната недела

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Засега нема најави за пролонгирање на 1 октомври како датум за почеток на недела како неработен ден. Од Министерството за економија за „Слободен печат“ информираат дека очекуваат Собранието да ги усвои потребните измени, бидејќи остануваат уште 15 дена до рокот што е предвиден.

– Oчекуваме и измените на Законот за трговија да бидат набрзо усвоени во Собранието, со оглед дека остануваат уште 15 дена до рокот што е предвиден односно примената да започне на 1 октомври 2021 година – беше одговорот што „Слободен печат“ го доби на прашањето што ќе се случи доколку Собранието навреме не ги усвои измените на Законот за работни односи и за трговија.

За предложените измени на Законот за работни односи, со кој официјално се воведува неработната недела, пратениците ќе расправаат во матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика в понеделник, на 20 септември. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески се надева дека нема да има опструкции и дека ќе се создадат деловнички можности законот да стапи во сила навреме, како што е предвиден.

Бидејќи законите се во второ читање, по комисиските расправи ќе остане уште да се донесат на пленарна седница. Нивното прво читање заврши уште во јули, а од ССМ јавно побараа Собранието во најкус можен рок да закаже седница, на која ќе бидат разгледани предложените измени со кои недела се прогласува за неработен ден.

Со предвидените исклучоци и во трговијата и во другите дејности, анализите на Министерството за труд и социјална политика покажаа дека за повеќе од 95 проценти од вработените во државата, недела ќе биде ден за одмор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот