Пратениците на Левица ќе го бојкотираат годишното обраќање на претседателот Пендаровски

Колаж: Димитар Апасиев, Борислав Крмов и Стево Пендаровски / Фото: Левица/МИА

Ја известуваме македонската јавност дека двајцата пратеници на политичката партија Левица во Собранието на Република Македонија – Димитар Апасиев и Борислав Крмов, нема да учествуваат на парламентарната 56. пленарна седница, на која е планирано традиционалното годишно обраќање на претседателот на Републиката – г. Стево Пендаровски, известуваат од политичката партија Левица.

– Нашите народни пратеници одбиваат да партиципираат во формалистичкиот театар на шефот на државата, кои ги одмолчи сите национал-шовинистички испади на нашите балкански соседи и божемни европски партнери – за кои, сè почесто, во нивните јавни обраќања, стануваме „Северномакедонски пријатели“. Сметаме дека човек кој е безгласна буква во внатрешната и во надворешната политика и не реагира на повампирениот бугарски неоврховизам, којшто го негира постоењето на македонската нација и на македонскиот јазик, нема ништо паметно да каже и затоа не го заслужува вниманието на нашите пратеници и на пошироката јавност, велат од Левица.

Како што велат оттаму, Пендаровски „никогаш не бил и нема да биде вистински и обединувачки ‘Tатко на нацијата’“.

– Како приврзок на поразената политичка философија и практика на заевизмот, како највисок стадиум на интернационалното вазалство и националното понижување на Македонците, неговото заминување од политичката сцена ќе биде катарза за нов почеток во водењето на современа, достоинствена и мултиполарна државничка надворешна политика, креирана од новата генерација храбри македонски политичари, стои во нивното соопштение до јавноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот