Пратениците молчат за укинување на апанажата

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, информира дека до Собранието како партија ќе поднесат предлог-закон за изменување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица со цел укинување на апанажата.

На пратениците и на министрите не им се слуша за предлогот на пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, да се укине апанажата. Ниту една од поголемите парламентарни партии не одговори на прашањето на „Слободен печат“ дали ќе го поддржат предлогот да се укине надоместокот во висина на плата, кој им следува најмногу една година на поранешни избрани и именувани функционери по престанок на функцијата. Неофицијално, освен пратениците од Левица, најверојатно ниту еден од останатите 118 пратеници нема да поддржи укинување на апанажата.

Апасиев информира дека до Собранието ќе поднесат предлог-закон за изменување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица со цел укинување на апанажата.

Пратеници се жалат дека платите им се замрзнати од 2010

– Најголем дел од министрите што повеќе не се дел од Владата, максимално користејќи ги сите функционерски привилегии, ќе продолжат да земаат плата од буџетот и по престанокот на нивната функција, односно таканаречената апанажа. На списокот министри што се пријавиле да земаат плата, и покрај тоа што не се на функција, се и Радмила Шеќеринска, Мила Царовска и Никола Димитров, функционери што по своите анкетни листови располагаат со милионски имот – велат од Левица.

Од партијата додаваат дека наспроти привилегиите за функционерите, обичен работник што ќе остане без работа може да зема само 50 отсто од просечната нето-плата што тој ја земал последната година, и тоа под услов само ако има минимален работен стаж од 9 месеци без прекин или 12 месеци со прекин.

– Од друга страна, за министрите не се предвидени никакви услови, па така ним им следува 100 отсто од платата што ја земале додека биле министри, а за министерување од 24 месеци, законот предвидува можност за земање апанажа од 12 месеци. Едно невработено лице за да земе надоместок по основа на невработеност 24 месеци, потребно е да има работен стаж од 25 години – велат од Левица.

Пратеници со кои контактиравме велат дека укинувањето на апанажата нема да помине во Собранието. Тие велат дека институтот апанажа го има во речиси сите земји и дека пратениците откако ќе им заврши мандатот и на кои не им било во мирување работното место, им треба апанажа додека се снајдат за работа. Тие велат дека пратеничката функција е специфична и дека тешко наоѓаат работа ако се има предвид дека јавно критикувале од собраниска говорница.

Според некои пратеници, погрешна е перцепцијата во јавноста дека тие земаат многу високи плати и се жалат дека платите им се „замрзнати“ од 2010 година и дека во споредба со лекарите, професорите, ним не им е покачена платата. Пратениците земаат меѓу 65.000 и 80.000 плата во зависност од стажот и од тоа дали претседаваат со комисии.

Давитковски: Невиден јавашлак

Наспроти пратениците, професорот од Правниот факултет на УКИМ Борче Давитковски за „Слободен печат“ вели дека Левица е во право кога бара укинување на апанажата. Според него, има различни решенија за апанажа во светот, но тие, пред сè, се однесуваат за професионални политичари како тие што се во сенат или во претставнички дом. Доколку тие одат во опозиција, им следува апанажа, која ја примаат една година додека не се вработат или повторно бидат избрани.

– Кај нас се претерува со апанажата. Граѓаните кај нас не избираат пратеници туку гласаме за пратенички листи утврдени од лидерите и од партиите. И затоа имаме лекари, професори, бизнисмени за пратеници. Има случаи кога бизнисмени откако ќе им заврши пратеничкиот мандат, наместо да се вратат во своите фирми, кои во меѓувреме работеле на име на близок роднина, тие земаат една година апанажа. Тоа е злоупотреба на институтот апанажа. Со нашата фолклор демократија, политичките партии се махери за извртување на законите – вели Давитковски.

Тој смета дека поранешните функционери уживаат преголеми привилегии ако се земе предвид дека Македонија е сиромашна земја. Тој смета дека и експремиерите и поранешните претседатели имаат големи привилегии какви што се возила, обезбедување… Во побогати држави, премиери и пратеници на работа одат пеш, со јавен превоз или со велосипед.

– Левица е во право. Партиите добиваат пари од државата и по истекот на мандатот на функционерите, партијата треба нив да ги плаќа додека тие не се снајдат за работа. Или да се укине апанажата или да се укине финансирањето на партиите од Буџетот, од некаде треба да почне. Што е посиромашна, помалку демократска и позаробена државата, има поголеми привилегии за носителите на функции. Ваков јавашлак не сум видел. Не сме толку богати за тој луксуз да го плаќаме. Луѓе живеат со 200 евра плата – вели Давитковски.

Видео на денот