Пратениците изгласаа повеќе точки од 47-та седница

Собрание на РС Македонија / Фото: СП. архива

Пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, попладнево продолжија со гласање на точките од 47-та седница. Гласањето продолжи од 14. точка, за предлог на закон за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Ковид-19 врз производството и откуп на тутун, по скратена постапка.

Во рамки на 47-та седница, пратениците гласаа и за предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија.

Пратеничката Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ говореше за ефектите што ова законско решение ќе ги има кон трговијата на мало.

– Со ваквите решенија ги демотивирате сите останати кои утре би посакале да се занимаваат со оваа дејност. Вие со ова законско решение, наместо да ги заштитите нивните права им наметнувате уште еден дополнителен трошок проследен со најригорозни казни со што ќе згаснат малите бизниси, истакна Петковска.

Таа додаде дека според нејзината замисла недела неработен ден значи дека е неработен ден за сите освен за производните процеси кои не можат да трпат прекин.

Пратеничката од ДОМ Маја Морачанин, реплицираше на Петковска и говореше во контекст на граѓанските организации кои се грижат за правата на работниците.

– Добивме забелешки дека и тие не се задоволни од ова решение и очигледно е дека има потреба од јавна дебата во Собранието. Работодавците и работниците имаат потреба од допрецизирање и појаснување на овие одредби, за да на сите им биде јасно кои дејности се оние кои не трпат, додаде Морачанин.

На дневен ред на седницата во Собранието се најде и предлогот за избор на член на Судскиот совет на Република Северна Македонија. За член на Судскиот совет, Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја предложи Тања Чачарова-Илиевска.

Пратеникот Дејанчо Ефтимов, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на овој предлог истакна дека продолжува праксата за партизација на сите правосудни органи.

– Извештаите на релевантни институции ни ги потврдуваат сите наши сомнежи и постапки што како парламентарно мнозинство што ја поддржува Владата, задолжена за донесување на законските решенија на коригирање на состојбата во правосудниот систем се катастрофални, посочи тој.

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ надоврзувајќи се на Ефтимов истакна дека судскиот совет според Уставот треба да обезбеди и гарантира самостојност и независност на судската власт.

– За членовите на судскиот совет избрани од Собранието се вели дека треба да бидат од редот на универзитетските професори по право, адвокати и други истакнати правници. Многупати истакнав дека адвокатската фела не е доволно искористена како правен кадар, додаде таа.

Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ реплицирајќи на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека за време на Комисијата за прашања на изборите и именувањата немало воздржани гласови.

– Дури ни пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за воздржани во однос на предлогот. Ниту еден пратеник не беше пријавен за дебата, во рамки на Комисијата каде суштински треба да разговараме во однос на кандидатот што е денес изготвен како предлог одлука, додаде Костадинов.

Изборот за член на Судскиот совет не помина во Собранието поради недоволен број на пратеници, при што претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата и информираше дека за продолжување на истата ќе има дополнително известување.

Собранието на Република Северна Македонија утре продолжува со нова седница, наменета за пратенички прашања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот