Пратеничката Моника Зајкова од ЛДП хоспитализирана на Инфективна поради Ковид-19

 Пратеничката од ЛДП Моника Зајкова вечерва објави дека е позитивна на Ковид-19 и е хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

-Ви пишувам откако собрав малку сила, лежејќи на клиниката за инфективни болести каде што сум хоспитлизирана поради заразеност од корона вирусот. Најдирекно и најискрено сакам да ви пренесам дека вирусот е насекаде околу нас, не е воопшто за потценување, а заболувањето може да биде полошо отколку што можете да замислите! Истовремено ве информирам дека не само јас, туку и моите родители, за среќа со полесни симптоми, се борат со фамозниот непријател кој и во нашата земја зеде голем замав. Иако ги следевме и почитувавме сите протоколи, најверојатно некаде, за жал, сме потфрлиле, напиша Зајкова во објава на Фејсбук.

Таа додава дека телесната температура не и спаѓа под 38.5 C, чувствува омалаксаност, континуирано гадење, повраќање и изнемоштеност. Констатирана и е почетна пневмонија.

-Ова не сакам да звучи како заплашување, туку повеќе како отрезнување, затоа што понекогаш може да биде предоцна! Од состојбата во која се наоѓам сакам најостро да ги осудам и да ги побијам неубеденоста во егзистирањето на вирусот, неверувањето кон неговата вируозност и негодувањето од пропишаните мерки. Најдлабоко ве замолувам – Следете ги препораките од министерството за здравство и СЗО. Надевајте се дека вирусот никогаш нема да допре до вас, но однесувајте се како да е насекаде околку вас, затоа што е реалност! Носете маска, безусловно, макар и сами на улица! Одржувајте соодветна дистанца меѓу останатите! Одржувајте темелна дезинфекциона хигиена! Пребродете го периодов кој бара одрекувања и изолација во нешто што е продуктивно за вас и за семејството, напиша Зајкова.

Здравствените работници, како што дополнува, се беспрекорно организирани и посветени и заслужуваат највисоко признание, но глетката кон состојбата на пациентите е траорна и посакувам никој никогаш да не ја види или доживее! – За жал, борејќи се со опасниот вирус, извесен период ќе бидам спречена да ги извршувам работните обврски како пратеничка во републичкото собрание, претставувајќи ве најдобро што знам и умеам, но штом се изборам со овој предизвик, продолжувам со полна пареа!, наведува пратеничката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот