Прашање на време е кога Пекинг ќе го нападне Тајпеј

epa08881460 China's national flag is displayed outside an apartment building in Taipei, Taiwan, 13 December 2020. In recent years, some pro-China people and groups are openly displaying China's national flag in Taiwan and calling for Taiwan-China unification. But Taiwan claims it is an independent country, called Republic of China, and Taiwan's future must be decided by Taiwan people. EPA-EFE/DAVID CHANG

За време на мандатот на претходниот американски претседател Доналд Трамп, односите помеѓу Соединетите Американски Држави и Народна Република Кина од потенцијално непријателски прераснаа во отворено непријателски. На очекуваното намалување на тензиите помеѓу светските велесили засега нема трага, иако во Белата куќа во меѓувреме се всели Џо Бајден, кој барем во кампањата делуваше поумерено од својот претходник кога се во прашање американско-кинеските односи.

Веќе неколку години по ред, военото присуство на двете земји се зголемува во водите на Јужно и Источно Кинеско Море. Вештачките острови што кинеската армија ги гради во водите што многумина ги сметаат за меѓународни се сериозна закана за американската морнарица присутна во регионот и прашање е дали таа би можела да издржи кинески налет во случај на воен судир.

Главната точка на раздорот помеѓу Кина и САД, сепак, не се вештачките острови и спорните разграничувања со неколку соседни земји, туку островот Тајван, на кој во 1949 година е формирана Република Кина, главниот противник и главната опасност за поредокот во Народна Република Кина, која со децении е предводена од Комунистичката партија.

Односите помеѓу двете Кини никогаш не биле добри. Пекинг и Тајпеј не се признаваат меѓусебно ниту, пак, постои некаква шанса во иднина тоа да се го сторат. Во изминатите две децении, сепак, дојде до релативна нормализација на односите, која се јави како последица од забрзаниот економски напредок на „комунистичка“ Кина и ставот на Пекинг за „нулта“ проблеми со соседите. Сепак, откако НР Кина по повеќе параметри стана најголемата економија на светот, политичките апетити на оваа земја се зголемија, па прв на удар е Тајван. Во последните две години зачестија извештаите на тајванското воздухопловство за континуирано нарушување на воздушниот простор од страна на кинеските борбени авиони, а дека некој во Кина размислува за скорешна инвазија на овој остров го потврдуваат и многубројните воени вежби што се одвиваат во непосредна близина на Тајван. Тајпеј, главниот град на Република Кина, е повеќе од 200 километри оддалечен од најблиската точка на НР Кина, но затоа жителите на едни други острови имаат причина за голема загриженост. Се работи за Кинменските Острови, архипелаг на помали острови сместени во непосредна близина на Народна Република Кина, но под политичка управа на Тајван.

Инвазијата е прашање на време

Сѐ до 1970 година, за жителите на Кинменските Острови било вообичаена рутина да трчаат во засолништата, засолнувајќи се од налетите на кинеските бомбардери. Но, бомби на овие острови многу ретко паѓале, бидејќи најчесто бомбардерите исфрлале пропагандни летоци.

Овие прелети на кинеските воздушни сили престанале дури во 1970 година, кога САД воспоставија дипломатски односи со НР Кина, официјално повлекувајќи го признавањето на владата во Тајпеј. Тоа довело до намалување на тензијата, но „воените ветришта“ како повторно да дуваат од правецот на Пекинг.

„Тие што си играат со оган ќе си ги изгорат рацете. Тајванската независност ќе значи војна“. оваа порака беше лиферувана од кинеската влада, на денот на инаугурацијата на Џо Бајден во Вашингтон, откако претходно голем број авиони неколку часови го повредуваа воздушниот простор на Тајван, практика што со денови се повторуваше.

Дека состојбата не е наивна и дека постои опасност од скорешна инвазија, потврди и тајванската претседателка Цаи Инг-вен, која пред извесно време предупреди дека конфликтот со Кина би можел да доведе до голем регионален, па дури и до глобален конфликт.

Некои аналитичари дури сметаат дека нападот е неизбежен, а тоа се должи на политичките маневри на кинескиот претседател Сји Ѓинпинг, кому му е потребна поголема поддршка во изборната база во обидот да дојде и до третиот мандат на функцијата.

– Тајван е најдобрата „алатка“ со која Сји може да се послужи во моментов. Тој би можел да почне високоризична воена акција за обединување на Тајван со Кина или, пак, тоа би можел да им го вети на делегатите на Комунистичката партија дека ќе го стори во третиот мандат. Во секој случај Тајван ќе стане пион во воените планови на Сји – вели Дру Томсон, поранешен висок функционер во Министерството за одбрана на САД.

Други аналитичари сметаат дека не постои непосредна опасност за Тајван, иако се согласуваат дека нападот би можел да се случи најдоцна за десет години. Главната сила што би можела да ја одврати Кина од инвазијата е американската армија.

– Кинеската народна армија не е моќна да го освои Тајван и во исто време да ги држи САД настрана. За тоа да се случи, потребна е најмалку уште една деценија, во кои Кина би ги изградила неопходните воени капацитети – изјави директорот на кинескиот Соас институт во Лондон.

Кинмен е изгубен случај

Состојбата на Кинменските Острови одамна е дефинирана како комплицирана. Жителите на овие острови се свесни дека во случај на инвазија тие ќе бидат на првата линија на фронтот, а многумина се убедени дека тајванската армија воопшто и нема да се обидува да ги брани од нападите на кинеската армија, подготвувајќи се за одбрана на главниот остров.

– Не можете да ја разберете актуелната ситуација без да ја познавте историјата. Голем број од жителите на овие острови имаат роднини во Кина. Политички ние немаме избор, но сакаме да останеме поврзани со нашите браќа и сестри што живеат од другата страна – вели Чен Куо-ли, пензиониран војник.

Затоа и поголемиот дел од жителите на Кинменските Острови ѝ се противат на војната, но тоа не е случај со помладите генерации, кои во ниту еден случај не би се согласиле со комунистичка управа на нивните острови.

– Младите генерации никогаш не биле во војна ниту под воена диктатура. Тие се како билки под леа и не знаат што значи вистинската бура. Тие не знаат колку е кревок мирот – вели локалниот политичар Ву Веи-куо.

Вообичаена пракса е во последните неколку години, за време на државните празници во Кинмен, како и во другите градови на островите покрај тајванското, на улиците да се истакнуваат и кинеските знамиња.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот