Праизведба на текстот „Јазли“ од Рефет Абази во режија на Куштрим Бектеши во Албанскиот театар

Текстот „Јазли“ на Рефет Абази на 28 и 29 јануари има две изведби на сцената на Албанскиот театар – Скопје, а претставата е во режија на Куштрим Бектеши

Драмата „Јазли“, која Рефет Абази ја напишал во 2015 година, проектира една комплексна и траорна слика на времето што го живееме, третирајќи ги судбинските „јазли“ на многу ликови кои во вителот на времето ја изгубиле душевната хармонија и контактот со себе си и со вистината. Како лајтмотив во структурата на драмата се чувствува бескомпромисната борба помеѓу доброто и злото, светлината и темнината, а борбата е на две нивоа – на индивидуално и на речиси метафизичко ниво, меѓу Господ и ѓаволот, напиша во својата режисерска експликација Куштрим Бектеши.

Бројните теми што ги загатнува драмата, како што се женидбата и разводот, традиционалното и модерното, реалноста и илузијата, професионалноста и болните амбиции, душевното и материјалното, вредностите и антивредностите, „купувањето“ и „спасувањето“ на душите, на сцената се прикажани низ жанрот на магичниот реализам, будејќи јасни асоцијации за денешната публика и поставувајќи мноштво прашања за животот и нашата актуелност.

Авторот на текстот Рефет Абази е театарски, филмски и телевизиски актер, драмски писател и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Во претставата играат актерите Адем Карага, Фисник Зеќири, Бислим Мучај, Теута Ајдини Јегени, Амернис Нокшиќи, Осман Ахмети, Сабина Мемиши, Ментор Курти, Ибрахим Џемаили, Хетем Етеми, Рахим Рамадани, Абедин Алими и Ерди Џемаили.

Ликовите во претставата живеат и работат во внатрешноста на урбан простор, каде што се преплетуваат во „јазли“ кои се врзуваат во нивните судбини за време на острата борба помеѓу доброто и злото, среќата и тагата, материјалното и духовното. Сценограф е Бетим Зеќири, костимограф – Емира Имери, а музиката ја компонираше Тримор Доми.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 114, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30 јануари 2022)

Видео на денот