Праизведба на „Само глас“ во МНТ: Животна приказна за една тажна човечка судбина

Прва претстава премиерно поставена на сцената на Македонскиот народен театар во 2021 година е комуникациската современа музичка драма „Само глас“ по текст на Нина Плавањац во режија на Марјан Неќак.

Потрагата по безусловна љубов е главниот двигател на дејството во комуникациската современа музичка драма „Само глас“, поставена на сцената на Македонскиот народен театар. Текстот на младата српска авторка Нина Плавањац го режира Марјан Неќак, кој воедно е композитор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото. Во улогата на Таа, талентирана, позната и призната уметница, брилијантна актерска креација остварува првенката на Македонскиот народен театар Звездана Ангеловска. Само со глас, нејзин партнер е Никола Ристановски, кој и без физичко појавување на сцената внесува немир и тензија во драмското дејство.

Станува збор за комплексна музичко-драмска претстава во која се вметнати современите форми на комуникација за да се изразат универзални човекови потреби, но и да се откријат тајните и опсесиите на главните ликови. Иако на прв поглед делува како монодрама, сепак со гласот на Тој (Никола Ристановски) и учеството на балетанот Мирослав Митрашиновиќ, претставата добива многу поширока звучно-сценска димензија. Преводот на текстот го направила самата актерка Звездана Ангеловска.

– Играм лик на силен и современ женски уметник. Приказната открива една човечка судбина, но и предизвиците и потешкотиите не само на жената, туку воопшто, на човек којшто има уметничка душа. Проблематиката е трослојна и е претопена во музичко-сценски жанр. Од занаетска страна е вистински предизвик, бидејќи како актерка сум ставена во рамка на музичка партитура за драмското дејство да тече, а тоа, всушност, е ракописот на Неќак – објаснува Ангеловска.

„Само глас“ е тип на претстава што бара сосема поинаква пожртвуваност, бидејќи првиот импулс и начинот на игра го дава музиката / Фотографија: МНТ / Кире Галевски

Режисерот Марјан Неќак повеќе го познаваме како композитор на музика за многубројни театарски, оперски и балетски претстави, на мјузикли, филмови, телевизиски и други проекти, а последниве неколку години се појавува и како режисер и сценограф на повеќе претстави. Конкретно за соработка со Звездана на нов заеднички проект размислувале изминативе три години.

– Со Звездана Ангеловска се знаеме многу години наназад и почнавме да сонуваме и да се инспирираме за заеднички проект. Покрај тоа што е прекрасна актерка, таа е и музички талентирана. Заедно размислувавме кој текст да го поставиме на сцена и за наша среќа се запознав со Нина Плавањац, која е мултиталентирана авторка, иако е прилично млада. На Нина ѝ ги раскажав моите замисли, а текстот таа го напиша пред една година. Потоа околу два месеца работев на музиката, а Звездана почна да се подготвува во септември минатата година. Тогаш се вклучи и Никола Ристановски. Овој тип на претстава бара сосема поинаква пожртвуваност и повеќе време во подготовките, бидејќи првиот импулс и начинот на игра го дава музиката, а самата музика веќе е режирање на претставата. Значи работевме со чувства и со импулси од друг тип и затоа беше потребно подолго време материјалот да се осознае и совлада, а потоа на филигрански начин да се изгради дејството – открива Неќак.

Авторката Нина Плавањац со режисерот Неќак разговарала на темата за паракомуникацијата и во договор со него текстот „Само глас“ го напишала специјално за оваа претстава. Токму затоа на сцената на Македонскиот народен театар се случи неговата праизведба.

– Мојата цел со текстот беше да спојам нешто што е многу лично и индивидуално, како што е приватниот портрет на уметницата и светот во кој се наоѓа, со нешто што е универзално, многу пошироко и со кое сите ние можеме да се идентификуваме, како што се оттуѓеноста, самоизолацијата, токсичните односи и неутешната желба за љубов, да си сакан и некој да се грижи за тебе. Најмногу сакам да читам, да гледам и да пишувам приказни кои го спојуваат личното со универзалното и на тој начин да комуницирам со публиката. Во сѐ што пишувам целта ми е без табуа, осуди и ограничувања да ги прикажам и најмрачните делови на сите нас индивидуално и да го оттргнам срамот од некои мрачни желби кои сите ги имаме, бидејќи сите сме луѓе. На тој начин низ Таа, која е архетип и уметник, да добиеме призма низ која ќе ги видиме тие делови од себе – посочува Плавањац.

Основната приказна во „Само глас“ е за повторното раѓање, повторната болка и учењето како да се живее со себеси / Фотографија: МНТ / Кире Галевски

Следејќи ја главната хероина, пораката на претставата е дека, всушност, без оглед на зрелите години што ги има, нејзината приказна е за повторното раѓање, повторната болка и учење како да се чекори, како да се грижи за себе и да живее со себеси. Всушност, станува збор за тажна човечка приказна и обидите за повторно откривање на себеси.

– Драмската подлошка, односно текстот на Нина е толку јасен, стилски проблематиката е чисто поставена, иако приказната се води со една тајна. Во тој поглед немав многу што да дешифрирам, меѓутоа во подготовката на претставата работев на истражување на биографии на разни актери и актерки. Се разбира, притоа ја отстранував својата, иако и јас сум актерка и од тоа не можам да избегам, но најчесто би било добро да се изземете себеси, бидејќи во потсвеста, секако го носите печатот при градењето на кој било лик. Од биографиите ги истражував моментите на детството, на саморазвивањето, на пребродувањето на траумите, на машко-женските односи, но не во смисла на некоја полова нетрпеливост, туку како машки и женски принцип од филозофска и уметничка перспектива – открива Ангеловска.

Во претставата Ангеловска носи фантастични костими на костимографката Наташа Павлиќиќ. Музичката драма „Само глас“ е прва продукција на МНТ во 2021 година и веќе е ставена на редовниот репертоар на театарот, а изведбите ќе се реализираат според протоколите за ограничен број публика во затворен простор и со почитување на сите мерки на Комисијата за заразни болести.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 82, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 29-30 мај 2021)

Видео на денот