Познати бугарски олигарси на „црната листа“ на САД

Тројцата санкционирани Бугари – Пеевски, Божков и Железков – играат огромна улога во корупцијата во Бугарија, како и на меѓународно ниво, преку нивните обемни мрежи на контакти и деловни активности

САД воведоа санкции кон олигархот и поранешен пратеник од Движењето за права и слободи (ДПС) Дељан Пеевски, бизнисменот Васил Божков, кој се крие во Дубаи, и сегашниот заменик претседател на Бирото за контрола на специјалните разузнавачки средства (СРС) Илко Железков.

Во официјалното соопштение на Министерството за финансии на САД се вели дека тројцата бугарски државјани ќе бидат санкционирани според Законот „Магнитски“, што значи дека специјалната американска единица за контрола на странските средства ќе ги блокира средствата на компаниите поврзани со нив. Во налогот се наведени 64 компании.

Според Министерството за финансии на САД, ова е најголема еднократна санкција за корупција подложена на актот „Магнитски“ досега. Во соопштението се додава дека тројцата санкционирани играат огромна улога во корупцијата во Бугарија, како и на меѓународно ниво, преку нивните обемни мрежи на контакти и деловни активности. На Пеевски, Божков и Железков им е одземено правото да патуваат во САД и, што е уште поважно, сите нивни средства во САД се конфискувани, а компаниите и средствата поврзани со нив стануваат непожелни за сите банки и компании кои тргуваат со американски финансиски институции или компании. Бидејќи повеќето банки ширум светот имаат редовен контакт со американскиот финансиски систем, ова значи дека нивните средства може да бидат блокирани низ целиот свет.

Покрај тоа, забраните се однесуваат и на директните роднини на санкционираните.

„Соединетите држави ги поддржуваат сите Бугари кои се борат за искоренување на корупцијата, барајќи одговорност за корумпирани владини службеници кои ги поткопуваат економските функции на Бугарија и демократските институции“, изјави Андреа М. Гаки, директор на Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии, по повод изрекувањето на санкциите за тројцата бугарски државјани.

Кој е Дељан Пеевски?

Делјан Пеевски

Дељан Пеевски беше пратеник во Движењето за права и слободи (ДПС) од 2009 година до оваа пролет и, на општо изненадување, не влезе на изборните листи на априлските избори. Сепак, тој не е толку познат по своите политички активности, ретко се појавува во јавноста, но е прочуен по неговото заткулисно влијание во судството и скриените корпоративни имоти.

До 2014 година тој беше во тандем со Цветан Василев и со помош на неговата Корпоративна трговска банка (КТБ) и политичката заднина како пратеник стекна голем број значајни средства како Бугарскиот телеком, „Петрол“, „Булгартабак“ и многу други. Раздорот меѓу Пеевски и Василев околу поделбата на имотот доведе до напад врз банката и нејзино затворање, а потоа неговите интереси станаа очигледни во војната што следеше околу разграбувањето на имотот на КТБ.

Пеевски е, де факто, „заткулисниот цар“ на бугарската економија и политика во последната деценија, а големи јавни набавки и постапки на институциите, неофицијално, зависат од неговите одлуки.

Во изјавата од САД се цитираат неговите постапки за време на локалните избори во 2019 година, кога „Пеевски преговараше со политичари за да им обезбеди политичка поддршка и позитивно медиумско покривање во замена за заштита од кривична истрага“.

Железков, „Поручникот на Пеевски“

Илко Железков
Илко Железков

Илко Железков е една од помалку познатите личности зад сцената во Бугарија. Тој е познат по прекарот „Поручникот на Пеевски“ поради фактот што ги извршува неговите интереси во различни сектори. На предлог на ДПС, во 2018 година Железков стана член на Националното биро за контрола на специјални разузнавачки средства и сега, среде скандалот со прислушувањето, тој продолжува да ја врши функцијата заменик претседател на Бирото. Во оваа смисла, санкциите на САД добиваат уште поголема тежина и ги разоткриваат „заробените“ бугарски институции.

Во енергетскиот сектор, на пример, Железков дотурка до раководител на државниот Бугарски енергетски холдинг (БЕХ), а во бугарските бизнис кругови се тврди дека секое поголемо кадровско назначување во државните компании поминува преку состанок со Железков и одење на средба со Пеевски. Ова стана јасно минатата година, во постапката за избор на нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика и вода, кога фаворитот за функцијата, одобрен од ГЕРБ, Пламен Младеновски, изненадувачки се повлече од кандидатурата. Неколку извори тврдеа дека тоа се случило затоа што тој не бил одобрен од Пеевски.

Според САД, од 2019 година е познато дека Железков нудел мито на високи владини претставници од кои се очекуваше да му пренесуваат информации на Пеевски. За возврат, Железков се погрижи оние што го прифатија неговиот предлог да бидат назначени на влијателни позиции, на кои им обезбедувал месечно мито.

Пеевски го користеше Железков за да спроведе коруптивна шема за издавање документи за престој во Бугарија за одредени странски државјани, како и за давање мито на државни службеници во замена за информации и нивна лојалност.

Кој е Васил Божков?

Васил Божков
Васил Божков

Со децении, Васил Божков речиси имаше монопол во бизнисот со хазардни игри во Бугарија, бидејќи неговите силни позиции во овој сектор беа обезбедени од разни државни структури, што во последните години му заштеди исплата на стотици милиони лева данок во државниот буџет. На почетокот на минатата година властите остро го нападнаа, го товареа со 18 обвиненија од областа на даночни затајувања и други кривични дела, но Божков се засолни во Дубаи и од таму почна јавно да говори за неговите замања-давања со политичарите од ГЕРБ и Дељан Пеевски, но јавно не обезбеди докази за кажаното. Потоа формираше партија „Бугарско лето“, но на последните избори не доби гласови за влез во парламентот. Сега и партијата му е под санкции на САД.

Преземено од „Капитал“ од Софија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот