Познатата руска пијанистка Наталија Трул вечерва на „Охридско лето“

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на познатата руска пијанистка Наталија Трул што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин, од 21 часот.

На репертоарот се дела  од Бетовен, Шопен и Дебиси.

Наталија Трул започнува да учи пијано во родниот Санкт Петербург, за подоцна да се пресели во Москва. Таму дипломира на Московскиот конзерваториум работејќи со педагозите: И. Зак, М. Воскресенски и Т. Кравченко. Нејзината интернационална кариера започнува со победата на Меѓународниот натпревар во Белград во 1983, но најголемиот успех доаѓа во 1986 кога го освојува сребрениот медал на натпреварот „Чајковски“.  Во 1993 година ја добива Гран При наградата на натпреварот во Монте Карло на кој можат да учествуваат само победници на меѓународни натпревари.

Трул настапува со значајни оркестри од целиот свет:  Лондонскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Лос Анџелес, Јапонскиот Филхармониски оркестар, Оркестрите во Монте Карло, Дизелдорф како и со сите големи руски оркестри под диригентските палки на светски познати и реномирани диригенти.

Нејзиниот репертоар вклучува повеќе од 50 концерти за пијано и оркестар, но секако приматот го има Концертот број 1 од П. И. Чајковски што го има изведено повеќе од 100 пати во престижни концертни сали низ светот.  Како педагог, Наталија Трул често одржува мајсторски курсеви во САД, Јапонија, Италија, Германија и во Јужна Америка. Редовен професор е на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и често е член на жири на меѓународни натпревари за пијано. Има снимено неколку ЦД-а од кои едното ги содржи сите сонати за пијано на С. Прокофјев, а другите се со музика за соло пијано од Чајковски, Шопен и Шуберт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот