Познатата македонска актерка Ирена Илиевска стана мајка: „Добредојде Ева, добредојде дете наше, добредојде и живеј убаво!“

Facebook
Facebook

Нашата актерка Ирена Илиевска, особено позната на македонската публика како дел од актерската екипа на народните приказни денес стана мајка. Среќната вест актерката ја сподели и со своите пријатели и фанови на социјалните мрежи.

Facebook
Facebook

Илиевска стана мајка на девојче, а првите емоции ги сподели со јавноста:

„ Денес родив девојче! Станав мајка! Чувствувам лавина од емоции! Огромна радост, збунетост…нешто сосема ново и тешко за артикулирање!

Сакам да и кажам многу работи!

Да и кажам дека целиот свет е нејзин!

Да, мила, се е твое! Сиот свет! И се што е убаво во него.

Зграпчи се што сакаш да биде твое.

Бори се за се што посакуваш. Биди силна!

Биди храбра! Среќата ги прати храбрите.

Не застанувај.

Не гледај назад.

Facebook
Facebook

Не дозволувај никој да те сопре! Бори се за тоа што го сакаш. Бори се за себе и своите сакани. Љуби! Вистински. Со страст. Со целото свое срце. Не ја штеди љубовта, зашто само љубовта кога ќе ја поделиш на две, добиваш две цели, а не две половини!

Љуби! Несебично. Без его. Егото не ти треба кога ќе знаеш што сакаш. А себичните остануваат сами, секогаш. Не ти треба тоа мила.

Љуби! Љуби ги пријателите. Нив бирај ги внимателно и чувај ги добро.

Срцето ќе ти кажува се! Научи што побрзо да го слушаш. Научи му го јазикот.

Љуби…но не дозволувај да те боли. А, ако заболи, оди, заврти се и оди. И не гледај назад. Никогаш. Не, не го врти другиот образ! И не трпи ништо што срцето и душата не ти сакаат. Љуби ги твоите родители, зашто тие веќе живеат за тебе. И љуби се себеси. Секогаш. Само така ќе останеш своја.

Зашто ќе има се, дете мое. И убаво и лошо. Ти си родена за убавини. Секогаш нив одбирај ги.

И не прави компромиси. Со никого. За ништо. Само знај што сакаш.

Не дозволувај сопки и препреки. А, кога ќе се случат, гледај ги храбро, право во очи и надмини ги!

А потоа подзастани.

Facebook
Facebook

Ќе научиш да уживаш. Да си дадеш време за себе, за сите убавини на душата.

Живеј убаво! Кога ќе треба забрзај, кога ќе треба успори. Држи темпо со животот. Ниту времето да те гази тебе, ниту ти да трчаш пред времето.

Храни се убаво. Јади за да преживееш, а не живеј за да јадеш.

Пиј убаво. Убаво вино.

Пробај да не пушиш цигари. Веќе не се во мода.

Спортувај, убаво е за се, ќе ти покаже тато.

Читај. Читај се што ќе ти дојде до рака. Биди љубопитна за се. Ќе ти ги приближам Петре М.Андреевски, Конески, Гане, Стефановски, Рацин…зашто тие се твои!

Ќе ги гледаме Да Винчи, Караваџо, Гог, Микеланџело, Донатело, Родин…

Слушај убава музика. Радувај му се на животот.Пеј! Секогаш и секаде. Тоа е лек за душата.

Танцувај!

Сакај ја уметноста. Не, во ниту еден случај не мора да ти биде професија, но и тоа како ќе ти биде потребна во животот. За себе. За убаво на душата. За чекор поблиску до себе.

Смеј се! Очите да ти се смеат. Да ти сјаат. Ќе има и солзи, тоа е животот. Ама кратко ќе траат, ќе знаеш ти како.

Блескај. И биди човек! Зашто се друго е џабе, дете мое. И знаења и факултети и секакви достигнувања…се е џабе, ако не си човек.

Не пресметувај. Не калкулирај! Ќе знаеш што сакаш и како да стигнеш до тоа, а сепак да останеш човек.

Биди убава! Во душата. Физичката убавина понекогаш отвора врати, но не ретко е и пречка. Ама убавината на духот секогаш ќе ти се исплати.

Да ти биде душата убава, дете мое!

Насмеана, ведра, позитивна, да свети!

Помалку да се лутиш!

Помалку да трпиш!

Ништо не мораш! Никогаш.

Нека има само од тоа што сакаш.

Не простувај премногу и за се! Простувај за себе, за тебе да ти биде убаво, а потоа оди и не се врти назад. Прости и помножи со нула.

Не се извинувај, кога не си виновна!

Не голтај!

Не се извинувај за ништо што чувствуваш!

Не се извинувај, ако нешто не можеш! И тоа е во ред. Не можеш се сама.

Немој да криеш емоции! Никогаш. Какви и да се.

Не се туркај со сила на места каде што не сакаш да бидеш.

Не се менувај поради некој или нешто!

Живеј како што сакаш, дете мое, а не како што ќе те учи светот!

И најважно од се, слушај се себе си! Понекогаш дури и родителите можат да погрешат.

Добредојде Ева, добредојде дете наше, добредојде и живеј убаво!“, се зборовите полни со емоции на новата мајка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот