Пожарот во „Глобал“ поттикна говор на омраза: Наместо со поддршка и сочувство, Македонците распукаа со омраза и политика

Големиот пожар што викендов го зафати трговскиот центар „Глобал“ во Струмица, уште еднаш покажа дека македонскиот народ е длабоко поделен по политичка основа и дека поради таквата поделеност шири само емпатија и омраза што можеше да се види од коментарите под вестите на социјалните мрежи. Навреди беа упатувани, не само кон премиерот Зоран Заев, туку и кон пожарникарите.

„Арам пари“, „ГоспоТ(д) гледа“, „Божја правда“, „Зајче гледај“, беа само дел од коментарите на социјалните мрежи под текстовите што известуваа за големиот пожар.

Голем број струмичани наместо да помогнат, вечерта сеирџиски се собраа пред „Глобал“, снимаа и коментираа. Секако меѓу присутните беа и оние чиишто дуќани беа зафатени од пожарот и кои очајно се молеа пламените јазици да бидат што побрзо ставени под контрола.

Но, наместо поддршка за тимовите на струмичката противпожарна служба, како и екипите што дојдоа на помош, најчестите коментари беа со навредлива содржина. Ова ги вознемири и семејствата на пожарникарите, кои реагираа дека сограѓаните не покажуваат ниту минимална почит за луѓето што ги жртвуваат животите во вакви сериозни пожари.

Пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов, преку својот фејсбук-профил ги замоли сограѓаните да останат настрана и да не им ја попречуваат работата на пожарникарите.

„Апелирам граѓаните да не одат на местото каде што е пожарот! Поддршка за нашите пожарникари и полицијата. Мораме да бидеме смирени и да оставиме надлежните да си ја работат работата!“, напиша Костадинов.

На социјалните мрежи не изостанаа и редовните политички препукувања, но и теории на заговор за причините за пожарот. Без какви било почетни информации или докази, можеа да се читаат претпоставки дека пожарот е подметнат, намерно предизвикан поради отштета и слични измислици.

По ваквата неубава слика на социјалните мрежи, со свои коментари и критики се јавија голем број граѓани.

„На германски јазик има еден збор schadenfreude, кој точно го опишува задоволството од неволјата, неуспехот или понижувањето на другите. Нема подобар збор за да се опише темната страна на човековата природа и бранот на омраза, подлости, малициозност и вулгарности што ги има по социјалните мрежи за случајот со пожарот во струмички Глобал. Изобилство од перверзни (не)умови оплеменети со многу трошки изопаченост и зло. Кај некои комплексот на пониска вредност, дефинитивно, е одраз на нивната вистинска вредност“, напиша Марина Тунева од Советот за етика во медиумите.

„Собрани на тротоарот за сеир додека гори Глобал, некои си правеа селфи со пожарот, додека на преносите во живо на социјалните мрежи можевме да слушаме како во заднина се смеат, си кажуваат досетки. За тоа што го прочитав во коментари додека луѓе, фамилии губат сѐ, е во најмала рака нехумано, нечовечно. Човек на човек му е најголемиот непријател“, реагираше Круме Смилков од Струмица.

„Сѐ што прочитав за пожарот во Глобал, се згрозив. Па ова не е народ, диво племе. Злоба извира од секоја пора. Колку треба да си мрднат во мозокот, само едно нешто да напишеш од тоа што прочитав. Какво ЕУ, какви бакрачи. Нам не ни треба држава со ваков злобен народ со болен ум. А, на Фејсбук кој од кој поголем лицемер, „лепоусти, добричини, хуманисти“… Никогаш нема да нѐ биде. Не ни заслужуваме. Народ што мести, оговара, измислува и на секој чекор злоба шири… Тоа е Македонија во мало…“, напиша новинарката Ирена Мулачка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот