Пожарот на кризата и професионалното новинарство

Неодамна случајно наидов на приказна што ми го привлече вниманието. Тим пожарникари влегле во куќа во која горела кујната. Откако почнале да интервенираат, командирот се слушнал себеси како вика на цел глас: „Бегајте оттука!“ без да знае зошто. Штом пожарникарите избегале, се урнал подот. Дури потоа командирот сфатил дека пожарот бил невообичаено тивок, а дека ушите му биле невообичаено жешки.

Сите овие нешта заедно го иницирале кај него она што се нарекува „шесто сетило за опасност“. Тој знаел дека нешто не е како што треба, но не знаел што точно. Испаднало дека срцето на пожарот не било во кујната, туку во подрумот, под местото каде што стоеле пожарникарите.

Оваа приказна покажува на кој начин стекнатото знаење и вистинските информации им овозможуваат на луѓето, речиси интуитивно, да носат вистински одлуки во ситуации на неизвесност.

Актуелната пандемија со ковид-19 е една од најнеизвесните и досега невидени состојби во историјата на човештвото. Опасниот вирус многу брзо го нападна целиот свет, доведувајќи ја во прашање комотноста на сите поединци и народи. Ниеден субјект немаше доволно искуство и знаење (како пожарникарот од нашата приказна) да се справи со новата закана онолку брзо колку што таа се појави. Непознатото подрачје во кое зачекоривме како човечки род покажа колку сме, всушност, ранливи. Но тоа исто така покажа како соработката, солидарноста и одговорноста може да ни помогнат да почнеме да ја надминуваме кризата и да се вратиме во „нова нормала“.

Со ова доаѓаме до суштинската улога на медиумите воопшто и особено во ситуации на криза. Редовниот проток на веродостојни информации им помага на луѓето да дадат свој придонес во справувањето со кризата, со тоа што ќе се однесуваат смирено, одговорно и со самодоверба. Од друга страна, лажните вести и извртените приказни, без разлика на нивните мотиви, ја потенцираат несигурноста, предизвикуваат паника или понекогаш ја потценуваат заканата. Сето тоа одмага во управувањето со кризата.

Сегашниве вонредни околности и „новата нормала“ во која полека навлегуваме, ја нагласуваат повеќе од кога било, важноста на професионалното новинарство. Тоа има обврска да им дава на луѓето точни и проверени информации, вести кои се засновани на факти и статистики, мислења на стручни лица и навремени информации за мерките кои ги воведуваат властите.

Во вонредна состојба, медиумите треба да продолжат да ги надгледуваат владите за да се осигурат дека проширените овластувања на властите не се злоупотребуваат. Истовремено, истражувачкото новинарство треба и понатаму будно да ги следи сите активности за да се осигура дека јавниот интерес не е загрозен.

Сложената реалност која ја живееме во моментов, пандемијата и затвореноста на најголемиот дел од светот, секако ќе бидат предмет на научни анализи во следните години. Но реорганизацијата на секојдневниот живот сите нас нѐ поттикна на самоанализа, а ги засили и дискусиите глобално за тоа како ќе изгледа светот по ковид-19. Тоа несомнено треба да биде свет кој ќе биде максимално отпорен на пожари. Но и свет што ќе се состои од пожарникари кои ќе знаат да реагираат правилно во случај на пожар.

Професионалното новинарство е еден од двигателите што ќе му помогнат на светот да го постигне тоа – да стане подобра верзија на себе, заедно со нашата колективна одговорност, единство и солидарност.

(авторот е шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот