Пожарот кај спортскиот центар „Борис Трајковски“ бил подметнат

Општина Карпош започнува со акција за уредување и оградување на опожарениот потег долж кејот на Вардар, како и на други, покритични делови во овој дел од општината, во рамки на општинските надлежности и земајќи ја предвид сопственоста на земјиштето.

Од општината велат дека досега барале посериозна поддршка и механизација за целосно чистење на овие депонии, а самостојно ја затвориле депонијата кај мостот „Газела“.

Исто така од општината соопштија дека по утврдената фактичка состојба на терен и контактите со противпожарните служби, очигледно е дека пожарот е намерно подметнат на 5 – 6 места истовремено.

Оттаму изразуваат благодарност до фирмите: „Анизор“, „Гранит“, како и до ЈП Улици и патишта и Противпожарната бригада за вчерашната акција за гаснење на пожарот долж Кејот на Вардар, во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. До доцните вечерни часови, овие субјекти ревносно се бореле со пожарот, со цел да се локализира, и истиот да биде ставен под контрола.

Во текот на следната недела Општината ќе објави јавен повик до јавните претпријатија, како и до општествено одговорни субјекти и градежни компании, да се приклучат кон целосно чистење на депониите долж кејот на Вардар. 

Моментално, на кејот на Вардар сè уште има мобилни екипи од општината, противпожарната служба и дел од јавните претпријатија, со цел да ги изгаснат малите пламени кои уште тлеат на оваа површина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот