Пожарите во прилепско локализирани и се држат под контрола

фото: МИА

Пожарите во прилепско се локализирани, некои изгаснати, но жариштата мора да се држат под контрола зашто постои опасност да се активираат, изјави Виктор Стојчески, командир на прилепската противпожарна единица веднаш по последниот состанок на прилепскиот Кризен штаб што од синоќа координирано ја следи ситуацијата. Вчерашните пожари избувнале еден по друг во околу два часа.

– Има активен пожар кај селото Рилево, но е под контрола. Имаме противпожарни екипи и помош од јавните претпријатија. Во текот на денот сите пожари ќе бидат изгаснати но мора да бидат под контрола, изјави Стојчески.

Вчера имало пет шумски пожари, што се случиле во период од два часа.

– Најголем проблем беше регионалниот пат Прилеп-Градско каде мораше да биде запрен сообраќајот поради доброто на граѓаните. Другите пожари во прилепско моментално се локализирани, некои се изгаснати, но мора да се држат под контрола поради силниот ветар и сувата трева и може да се случи пожарот повторно да се активира. Сите пожари се на голема територија, на 300 до 400 хектари, теренот најчесто е непрооден и нискостеблестата шума со шипови и го отежнува гаснењето. Благодарни сме на помошта од единиците од соседните општини Крушево, Битола, Кавадарци. Имаше најави за авионска поддршка, но во консултации со Дирекцијата за спасување решивме да видиме како ќе се одвива ситуацијата. За гаснењето на пожарите беа ангажирани преку 100 пожарникари и над 20 возила, изјави Стојчески.

Тој не може да каже дали пожарите организирано се палат, но сепак најголемата причина, воопшто, при огнените стихии е човечкиот фактор.

– Не сакам да мислам дека пожарите организирано се палат зашто се општо зло за сите. Инаку, 99 отсто главен виновник е човечкиот фактор, рече Стојчески.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски вели дека ситуацијата со пожарите будно се следи, два пати од кризниот штаб биле на терен и смета дека ситуацијата е стабилна иако мора постојано да се контролира

– Изгаснат е пожарот кај Лопатица, а најголемиот пожар беше кај магистралниот пат Прилеп-Градоско кај Каменоломот и Топлица до Радобил, а голем беше пожарот и во Долненско. Сообраќајот вчера беше во прекин околу седум часа. Не се дозволи да премине преку коловозот на другата страна. Ноќеска и денеска се состана Кризниот штаб кој направи распоред за екипите на теренот. Претпладнето бевме на теренот и пожарите се изгаснати, но на теренот има екипи за ситуацијата да се држи под контрола. Во овој момент ситуацијата е стабилна и екипите информираат дека се е под контрола и се надевам дека така ќе биде и понатаму. За сѐ благовремено ќе реагираме, изјави Јованоски.

Екипите се постојано на терен. И додека новинарите снимаа кај Каменоломот покрај магистралниот пат Прилеп- Градско оддеднаш се активира пожарот крај патот, но веднаш се интервенираше.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот