Пожарите не се гаснат само од воздух

Фото: EPA

Шумските пожари представуваат стихијно и неконтролирано ширење на огнот во природата, а во 90% од случаите причина за настанување на пожарите е човечкиот фактор, без разлика дали тоа го направил намерно или пак од негрижа.
Оттаму во еден момент може да се предизвикаат серија пожари на поголем простор кој тешко може да се совлада, без разлика дали колку една држава е техничко- технолошки подготвена за справување со кризи. Тоа се случува по правило во летниот период и е феномен од кој не е поштедена ниту една држава во светот и не постои формула според која пожарите можат да бидат угаснати веднаш и сто проценти успешно. Да беше така немаше да бидат една од најстрашните природни катастрофи.
Во Македонија деновиве беснееја 15 тина пожари од кои најголемиот број за релативно кусо време, со или без авионска подршка, беа ставени под контрола. Штетата е голема, но за среќа нема жртви.
Во јавноста, но и во дел од медиумите се создаде непотребно панична атмосфера дека пожарите се оставени стихиjно да горат, дека државата не презема ништо и дека граѓаните и месното насление се оставени сами на себе.
Таков дефетизам станува типичен за менталитетот на нашиот народ со кој се потценува, се дезавуира сиот напор што стотици, ако не и повеќе илјади активни учесници во гасењето на пожарите го напрвалиле, меѓу кои секако самото локално население, службите од надлежните институции, пожарникари, претставници на АРМ, на полицијата. Сите тие се наши луѓе.
Но некако во нашиот национален код како да преовладува вечно незадоволство од сè и од секого, неартикулирана омраза, непочитување на трудот на другите кое завршува и со само-непочитување.
Ваквиот дух одамна ги има зафатено и медиумите чии коментари само доплнително ја разгоруваа атмосферата, а не придонесуваа кон смирување на ситуацијата, на оддавање почит на сите оние кои максимално се вложија во гаснењето на пожарите.
Целото незадоволство беше насочено кон воздухопловите кои останаа гаражирани во хангарите, кога беа најпотребни.
Тоа секако треба да има своја натамошна медиумска, политичка или правна разврска. Но во значителна мерка ваквиот револт доаѓа и од непознавање на технологијата и методологијата на справување со стихијата на пожарите, што пак создава заблуда дека авионите за гасење пожари се семоќни, дека тие самите веднаш ќе ги угаснеа пожарите. Ако е така тогаш нам не ни требаат противпожарни единици, ЦУК, ДСК, локална самоуправа и други субјекти за таа намена.

Инаку системот точно пропишува како се постапува на местото каде што има пожар. Прво се појавува единицата за локална самоуправа со своите противпожарни сили, со комуналното претпријатие, со просторни сили со свој командант и со свој началник. Тука се вклучуваат и волонтери, доброволци за гасење пожари.
Дирекцијата за заштита и спасување има 35 подрачни единици ширум земјата и нејзините единици секогаш се онаму каде што се појавува пожарот. Тие вршат проценка кога треба да се вклучат воздухопловите и дополнителни сили од Дирекцијата за заштита и спасување и во принцип тие се вклучуваат исклучиво на непристапни места.
Најважно е да има земски сили, затоа што пожарот не се гаси само од воздух. Воздухопловите помагаат во спречување на ширење на пожарот и намалување на интензитетот на пожарот за да можат земските сили да го изгасат. Тоа е функцијата на воздухопловите, отсекување на ширењето на пожарот и намалувањето на интензитетот на пожарот.
Македонија располага со три воздухоплови од типот ЕР-Трактор од американско производство. Летачките трактори ги управува еден пилот, но поради тешките услови во кои работат секогаш треба да има резервни пилоти. Пред извесно време Владата одобри средства за обука на нови пилоти, затоа што имаме дефицит на пилоти и тоа не е случај само во Македонија, пилотите на ЕР трактори се дефицитарен кадар секаде во светот.

Авионите ЕР- трактор имаат капацитет од 3.104 литри вода и потребни се 10 секунди за целосно да се наполни резервоарот, а авионот може да лета во услови на голема надморска височина и на температури до 49 степени.
Една од маните на Ер тракторите е што се мали авиони и се осетливи на метеоролошките услови, особено на силен ветер што често ја ограничува, или сосема ја оневозможува нивната уптреба. Вториот „недостаток“ на ЕР тракторите е што поради стандардните процедури не предвидуваат летање во ноќни услови.
А пожартите не бираат време и место каде и кога ќе избијат, нели.
Од друга страна пожарите не познаваат граници и затоа во нивното совладување важна е солидарноста и регионалната помош. Тоа од секогаш било така, а така беше и сега.
Затоа и неодамна во Скопје на Форумот за регионална соработа еден од првите документи кои беа потпишани беше Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот