ПОВТОРНО НА ВРВОТ: Договорот со Пентагон му помогна на Гејтс да го престигне Безос!
Коосновачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, во петокот го престигна основачот на Амазон, Џеф Безос, на листата на најбогати луѓе на светот, првпат после повеќе од две години.
Њујоршката агенција Блумберг информира дека зад успехот на Гејтс делумно стои Пентагон, откако на 25 октомври, објавиле дека ќе склучат договор со Мајкрософт вреден 10 милијарди долари.
Акциите на Мајкрософт од тогаш пораснаа за четири отсто, а богатството на Бил Гејтс се зголеми на 110 милијарди долари.
Од друга страна, акциите на Амазон забележале пад за околу два отсто, откако Мајкрософт го склучи овој договор со Пентагон.
Вкупното богатство на Безос моментално се проценува на 108,7 милијарди долари.
Индексот на милијардери на Блумберг, кој го мери богатството на 500 најбогати луѓе во светот, се ажурира по затворање на американските пазари, а Гејтс минатиот месец на кратко ја зазема првата позиција на таа листа, откако Амазон соопшти дека по првпат во две години се соочуваа со губење на профитот.