Повторно избори во Бугарија, македонското прашање не заслужи ни да биде поставено

Парламентарни и претседателски избори Бугарија 2021
Парламентарни и претседателски избори во Бугарија 2021/ Фото EPA-EFE/VASSIL DONEV

Не бевме на главните страници, освен во кампањите на Каракачанов и на Џамбаски, но тие не го поминуваат изборниот праг. Македонското прашање никогаш не било претерано значајно во кампањите, освен по потреба и како тег на кантарот кога националните мотиви треба да преовладаат, вели Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор во Софија

Македонија не беше тема во кампањата за утрешните парламентарни избори во Бугарија, четврти по ред за две години, кои тешко дека ќе ѝ „дадат“ на земјата стабилна владина коалиција. Партиите кршеа копја околу економската и енергетската криза, корупцијата, поделеноста околу поддршката на Русија или на Западот. Македонското прашање се (зло)употребува само по потреба. Според сегашниот распоред на силите, големи се шансите Бугарија повторно да ја води техничка влада назначена од претседателот Румен Радев. Тој ќе има речиси неограничена моќ над земјата што ќе остане во една сива геополитичка зона помеѓу Западот и Русија.

Во вакви услови, иако впечатокот кај нас е поинаков, поранешниот амбасадор во Софија Марјан Ѓорчев вели дека и во претходните кампањи, но и во политичкиот и во општествениот живот во Бугарија, Македонија никогаш не била во првите 5-6 теми што се опсервираат, се анализираат и за кои се носат заклучоци.

– Македонија секогаш била меѓу 10 до 15 точки што се предмет на нивните предизборни кампањи, па така и во оваа. Ние не сме во фокусот на нивниот интерес. Сепак, нашата земја се користи како тег на кантарот тогаш кога националните мотиви треба да преовладуваат во нивната кампања. Е, тогаш Македонија доаѓа во преден план – вели Ѓорчев за „Слободен печат“.

Инаку, според него, и за овие избори во бугарското општество има многу поважни теми, вклучувајќи ја сиромаштијата кај голем дел од населението, недовербата во институциите (само 10 отсто од Бугарите имаат доверба во Народното собрание), високото ниво на корупција и криминал, како и податокот дека половина од бугарското општество има симпатии за Русија, а половина за Украина и за Западот.

На прашањето дали Бугарија малку ја „олабави“ Македонија откако го доби она што го сакаше во преговарачката рамка и издејствува внесување на Бугарите во Уставот пред отворање кластери во преговорите со ЕУ, Ѓорчев вели дека Бугарите се свесни дека политиката на ултиматуми, диктати и уцени не води кон симпатии кај македонските граѓани, а доказ им е податокот дека 50 отсто од Македонците ги сметаат Бугарите за најголеми непријатели.

– Убеден сум дека Бугарија е свесна за содржините во нивните учебници за македонското прашање градено век и половина. Во сите учебници со генерации се пишува дека Македонија е бугарска земја, дека Охридската архиепископија е бугарска црква… Тој товар на колективна меморија си опстојува во Бугарија и не можеме да го смениме преку ноќ. Но, факт е дека се свесни дека во овој момент секое ширење на „темата Македонија“, откако дел од ставовите се наметнаа во преговарачката рамка, нема потреба да се оди понатаму – оценува Ѓорчев.

Тој аргументира дека не сме биле на главните страници, освен во кампањите на Каракачанов и на Џамбаски, но тие не го поминуваат изборниот праг. Потоа Преродба е националшовинистичка партија, но и кај нив Македонците се минорна тема. И ова, вели Ѓорчев, е доказ дека македонското прашање никогаш не било претерано значајно во кампањите, освен по потреба, но не како дневна тема.

Тоа што ја нема во кампањите, не значи дека Македонија ја нема и во партиските програми. Заштитата на националните интереси е во фокусот на нивната надворешна политика, а сѐ повеќе се говори за стратегија за работа со Бугарите во странство. Така, во програмата на ГЕРБ на Бојко Борисов стои дека „партијата сака да има динамично учество во спроведувањето на поставените параметри во Преговарачката рамка предложена од француското претседателство со Советот на ЕУ“, а вклучена е и грижата за бугарските заедници во странство.

Партијата Продолжуваме со промените (ПП), пак, освен што повикува на поддршка за Западен Балкан, во изборната програма вели дека има намера да ги зајакне своите активности за гарантирање на правата на Бугарите во Северна Македонија преку ефективна имплементација на Договорот за добрососедство и условите од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучително и промена на Уставот на Северна Македонија, а развојот на економските, енергетските и транспортните врски се меѓу приоритетите во политиката со нашата земја. И ПП говори за поддршка за бугарски заедници во светот, зајакнување на посветеноста на државата кон бугарските училишта во странство и зајакнување на врските со сите Бугари во странство, како поддршка на бугарската дијаспора.

Прашањето за односите со Северна Македонија е „клучно“ за партијата Преродба. Во партиската програма стои дека „Македонија е втората бугарска држава на Балканот и Преродба работи на обединување на двете бугарски државни формации во една заедничка држава. Патот до ова обединување е преку целосна економска, културна и политичка интеграција, што ќе доведе до обновување на нарушеното единство на бугарската нација и ќе ја направи Бугарија најголема и најсилна земја во Југоисточна Европа“. Освен што се залага за активна заштита на правата на бугарските заедници во Србија, Турција, Грција, Македонија, Украина, Молдавија, Косово, Албанија и во Романија, партијата е „за целосна економска, културна и политичка интеграција со Република Македонија до целосна интеграција на двете бугарски држави“. За Бугарската социјалистичка партија (БСП) во однос на Балканот, приоритет се односите со Република Северна Македонија и партијата ќе работи на заштита на бугарските национални интереси во односите со земјава и за одбрана на бугарските позиции.

Демократска Бугарија (ДБ), како што стои во нејзината програма, ќе настојува да се исполнат главните бугарски барања во односите со Македонија и ќе инсистира на усогласување на македонската страна со Патоказот. ДБ посветува посебно внимание на спроведување на Договорот за пријателство, ревизијата на учебниците по историја, програмите за размена меѓу студенти, ученици и професионалци од двете земји, реконструкција и воспоставување автентична форма на културно-историските споменици со учество на меѓународни експерти, регистар на движни и недвижни споменици на културата, целосна дигитализација и заедничка кодификација на историските документи поврзани со темата и општата историја, реставрација на воените споменици, соодветната рехабилитација на репресираните од југословенскиот комунистички режим 1945 – 1991 година, без разлика на нивното етничко потекло, и исплата на паричен надоместок за нив и нивните наследници.

Има таков народ, пак, најавува дека ќе предложи детален план за поедноставување на постапката за стекнување бугарско државјанство за Бугарите во странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот